Алијанса за Албанците бара Владата да се откаже од Отворен Балкан

Алијанса за Албанците го поздравува повторното започнување на Берлинскиот процес од страна на канцеларот на Сојузна Република Германија и постигнатите договори вчера меѓу шесте земји од Западен Балкан под водство на германската Министерка за надворешни работи Аналена Баербок.

Како што се наведува во партиското соопштение, од Алијанса сметаат дека договорите за взаемно признавање на универзитетските дипломи и професионалните квалификации се многу важни за материјализирање на Заедничкиот регионален пазар, но без сомнение политички најзначајниот договор, потенцираат, е оној за слободно движење со лични карти меѓу шесте земји од Западен Балкан, што значи уривање на последниот визен ѕид преостанат во регионот, тој меѓу Република Косово и Босна и Херцеговина.

„Ова достигнување уште еднаш потврдува дека Берлинскиот Процес е единствената рамка за економско-политичката интеграција на регионот, решавањето на преостанатите пречки за постигнување на Заедничкиот регионален пазар и единствениот пат за постепена интеграција на Балканот во Единствениот европски пазар“, велат од Алијанса, потенцирајќи дека „докажано е“ дека проектот Отворен Балкан не придонесува во зголемување на регионалната соработка, туку напротив – според нив, ги продлабочува раздорите и негативно влијае на вистинската интеграција на регионот, минирајќи ја имплементацијата на Заедничкиот регионален пазар на Берлинскиот Процес.

„Ова се потврди и од Извештајот за прогресот 2022 година за Северна Македонија, во кој се оценува дека имплементацијата на четирите слободи на движење на Единствениот пазар останува меѓу најслабите точки на европските реформи во земјата“, наведуваат од Алијанса.

Затоа, се вели во соопштението, партијата ја повикува Владата на Северна Македонија од сега па натаму да ја посвети целата своја енергија на спроведувањето на акцискиот план 2021-2024 година на Заедничкиот регионален пазар.

„Импровизациите и авантурите во паралелни, исклучувачки процеси и кои водат кон еден Западен Балкан со две брзини мора веднаш да се прекинат“, порачаа од партијата.

- Реклама -