Љупчо Алексовски од ФРОДЕМ, кој за себе вели дека ја основал ВМРО-ДПМНЕ, односно бил член во партијата уште од основањето, јавно во емисијата „Топ Тема“ на ТВ Телма кажа дека лобирал по партиска директива за избор на судии.
„Кога зборуваме за судството, знаете ли дека во судството има избори внатресудски? Знаете ли колку пати јас сум добил ингеренции, односно насоки од партијата за да делувам во одреден суд, за одредени судии да гласаат за одреден човек да биде член на судски совет. Лично јас го имам добиено и сум лобирал по одредени ингеренции на партијата. Што било контра сите правни норми“, рече Алексовски.
Прашан зошто тоа не го кажал тогаш, Алексовски одговори дека ова е првата прилика што ја имал за да каже јавно пред целата македонска јавност.
На забелешката од адвокатот Тортевски дека со тоа го прекршил системот, Алексовски истакна дека ургирал затоа што сметал дека човекот е во ред (и додаде дека човекот испаднал во ред) и објасни дека тој лично има право да лобира за кого сака доколку смета дека луѓето се во ред.
„Ако вие како Тортевски, мене, пред мојот личен суд, делувате дека сте океј човек и треба да бидете во судски совет, јас можам да лобирам“, рече Алексовски, на што водителот Боби Христов и адвокатот Тортевски се надоврзаа дека coмнително би било кога Алексовски би лобирал како претставник на партија.
„Ееее, така“, потврди и Алексовски (видео ТУКА).