На неговото конто се запишани 43 жртви. Меѓу нив се и некои од останатите најозлогласени руски криминалци од 90-тите години.
Вистинското име му беше Александар Солоник, но сите го знаеја како Саша Македонски. „Македонски“ затоа што беше еден од малкуте што беа вешти во „пукање на македонски начин“. Верувале или не, токму тој термин се користи за истовремено пукање со два пиштола на воените руски академии. Нашироко пишувавме и топло препорачуваме да прочитате ТУКА.
Како и да е, поради сето ова погоре, Саша Македонски е веројатно најпознатиот руски платеник во периодот на крајот на минатиот век. Освен што бил храбар, го следела и среќа.
Неговите (зло)дела се опишани во 2 играни филмови, 9 серии, 3 книги, и во многу документарци.
Роден е во 1960-та година, и имал добра воена обука во тенковските единици на советската војска кон крајот на ’70-тите. Во раните ’80-ти се вработил во полиција, но шест месеци подоцна е отпуштен поради преголема суровост кон уапсените. Се враќа во својот роден град Курган и се вработува како гробар…
И покрај тоа што на неговата листа прешкртани се некои од најпознатите руски мафијаши од негово време, некои извори велат дека Македонски никогаш не ги планирал убиствата однапред и детално. Се водел од интуиција.
Некогаш тоа му се удирало од глава. Бил апсен повеќе пати: три пати бегал од притвор, а еднаш скокнал и низ прозорот на судницата и избегал со погребалното возило кое го чекало пред влезот (Гледате? И професија гробар не е за потценување!). По последното апсење во 1994 година, Солоник завршува во затворот иронично наречен „Матроскаја Тишина“ („Морнарска тишина“), од каде никој немал избегано претходните 100 години. Саша признава десетина од нарачаните и извршени убиства.
Но, во меѓувреме, му се крчка план за бегство. Клучна фигура во тој план е чуварот, за кој едни сметаат дека бил поткупен, но други дека бил вработен на тоа место специјално за да го извлече Македонски од затвор. Чуварот обезбедил алпинистичка опрема, пиштол и кукла која ноќта била поставена во креветот на Солоник. Убиецот и чуварот со јаже се спуштиле од затворскиот кров на улицата и побегнале.
На чуварот потоа му се губи секаква трага (колку ќе бидете изненадени ако на пример се потврди дека Саша го убил за да го замолчи, за секој случај?), а Македонски побегнува во Атина во Грција, каде што изнајмува куќа и живее со својата 22-годишна девојка – манекенката Светлана Котова. Оттогаш Македонски ги прекинува сите врски со своите „работодавачи“, но тогаш нивните односи се влошуваат до тој степен што Саша користи нивни фотографии како мети додека вежба пукање.
Но Саша не знаел дека неговата куќа ја следи, снима и прислушкува не само грчката полиција, туку и руската мафија (не заборавајте, за 90-ти зборуваме). Руските босови решиле да не чекаат евентуален напад од Македонски, па по него го пратиле вториот најозлогласен платен убиец – Саша Солдат (за него можете да прочитате во линкот на крајот од текстот). Тие двајца добро се познавале и биле во пријателски односи, па Саша Македонски и неговата девојка радо го посетиле во куќата во која Солдат отседнувал „со уште двајца пријатели“.
Наскоро грчката полиција ги пронашла телата на Македонски и Котова закопани на различни места. Саша бил задушен, а на Светлана ѝ била скршена подјазичната коска и потоа телото ѝ било распарчена. Не ни треба многу фантазија за неофицијално да претпоставиме како се одвивала целата таа сцена…
Денес Солдат (на чие конто се запишани 33 жртви) е во затвор. Уапсен е во 1999 година, а осуден на 24 години. Во 2023 ќе излезе на слобода.
Извори: Руска Реч (1) и Руска Реч (2)