Милан претрпе уште еден пораз оваа сезона, но челниците на италијанскиот шампион се решени да го задржат Масимилијано Алегри на тренерската функција.
Силвио Берлускони важи за газда што не трпи неуспеси, но првиот човек на „Росонерите“ очигледно е свесен дека една од главните причини за слабите игри на неговиот клуб се заминувањата на клучните играчи од ланската сезона и неангажирањето на адекватни замени.
Токму поради тоа, потпретседателот Адријано Галијани му изрази поддршка на Алегри без оглед на фактот дека „Росонерите“ веќе претрпеа пет порази, освојувајќи само седум бода во првите осум кола од Серија А, што е најлош старт на една сезона на овој клуб во последните 60 години.
„Се соочуваме со тешка ситуација и мораме да покажеме сила за да ги надминеме проблемите. Среќата постојано ни го врти грбот, но очекувам и тоа да се смени. Забележителен е голем напредок во играта, Ел Шарави и Де Јонг прераснуваат во лидери на тимот, наскоро ќе дојдат и резултатите.
Знам дека многумина сакаат да го видат Алегри надвор од клубот, но тоа нема да се случи. Ние имаме апсолутна доверба во стратегот што ни го донесе последното Скудето и немаме намера да вршиме тренерска смена. Алегри сè уште е вистинскиот човек за Милан“ – изјави Галијани веднаш по саботниот пораз од Лацио.