Албумот „Македонско девојче 2“ од Каролина, кој на македонскиот пазар се појави во февруари оваа година, ќе добие свое регионално издание, кое ќе се најде на музичкиот пазар на просторите на сите бивши ЈУ држави.
Како издавач се појавува Dallas Records – една од водечките дискографски куќи во регионот што со своите изданија рушеше рекорди во продажбата во изминатите 20 години, а албумите и изведувачите меѓу кои Џибони, Северина, Бајага и многу други еминентни музички имиња, освојуваа бројни награди.
Dallas Records е основана уште во 1987 година и е ексклузивен застапник на ЕМИ која пак е издавач на светските музички великани, меѓу кои The Beatles, Queen, Kylie Minogue, Robbie Williams, Norah Jones, Lily Allen, Depeche Mode, Pet Shop Boys, Coldplay, David Bowie, Tina Turner и многу други.
Албумот „Македонско девојче 2“ низ музичките продавници на Dallas Records во Словенија, Хрватска, Србија и останатите држави во регионот ќе се појави непосредно пред големиот скопски концерт на Каролина со овој проект кој ќе се случи на 13-ти декемви во арената „Борис Трајковски“.