Албански ИНСТАТ ја коригираше грешката – во целиот материјал за пописните резултати напиша Македонци

Потоа, беше коригирана употребата на терминот „северномакедонци“ во графата за националност на пописот во Албанија, откако реагираше министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски кај неговиот албански колега Игли Хасани, но како што велат од друштвото „Илинден“ само на листот со преглед на националноста

Албанскиот институт за статистика ИНСТАТ информира дека во целиот материјал за пописните резултати терминот „северномакедонци“ го коригирал со Македонци, објави Македонското друштво „Илинден“ од Тирана.

Оттаму велат дека минатиот месец доставиле барање до албанскиот институт во кое најостро ја осудиле употребата за терминот „северномакедонци“ за македонското национално малцинство, за кое велат дека отсекогаш било признаено во Република Албанија.

„Институтот за статистика на Република Албанија позитно одговори на барањето и во целокупниот материјал за пописните резултати сега стои Македонци“,

велат од Македонското друштво „Илинден“ од Тирана.

Истиот одговор ИНСТАТ достави и до Народниот правобранител, од каде е побарано Институтот за статистика да гарантира почитување на националната припадност на македонската заедница во Албанија.

Во прелиминарните пописни резултати објавени на 28 јуни, во прегледот за етничка припадност, на албански јазик, наместо Македонци го пишување името на државата-Северна Македонија и „северномакедонци“ на англиски јазик.

Потоа, беше коригирана употребата на терминот „северномакедонци“ во графата за националност на пописот во Албанија, откако реагираше министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски кај неговиот албански колега Игли Хасани, но како што велат од друштвото „Илинден“ само на листот со преглед на националноста.

„Сега тоа е сторено на целиот материјал во кој се содржани резултатите од пописот“,

велат од „Илинден“.

- Реклама -