Албански ИНСТАТ го коригирал зборот „северно Македонци” со Македонци во целиот материјал за пописните резултати

Македонското друштво „Илинден” – Тирана попладнево објави дека албанскиот Институт за статистика ги информирал дека во целиот материјал за пописните резултати зборот „северно Македонци” го коригирал со Македонци.

-Ова е уште еден успех на друштвото, по нашето барање доставено на 10-ти минатиот месец до Институтот за статистика каде најостро ја осудивме злоупотребата на терминот „северно Македонци“ од Институтот за статистика за македонското национално малциство, кое од секогаш е признато во Република Албанија, стои во објавата на друштвото.

Во објавата се додава дека Институтот за статистика на Република Албанија „позитивно одговорил на барањето и во целокупниот материјал за пописните резултати сега стои Македонци”.

Идентичен одговор ИНСТАТ доставил и до Народниот правобранител, кој по дописот на „Илинден” и искажаната загриженост за навредливото идентификување на Македонците, побара одговор од Институтот.

Прочитајте и:  Беспилотните летала „Бајрактар“ Албанија ќе ги стави во функција на борбата против пожарите

Омбудсманот уште побара од Институтот да „гарантира почитување на националната припадност на македонската заедница”.

Соопштувајќи ги прелиминарните пописни резултати на 28 јуни, во прегледот за етничка припадност, на албански јазик наместо Македонци го пишуваше името на државата – Северна Македонија, што беше само за Македонците и „северно Македонци“ на англиски јазик.

Оваа неправедност, но само на листот со преглед на националноста, беше коригирана по разговорот на македонскиот министер за надворешни работи Тимчо Муцунски и неговиот албански колега Игли Хасани, на што претходеа силни реакции од страна на претставниците на Македонците во Албанија.

Сега тоа е сторено на целиот материјал во кој се содржани резултатите од пописот, спроведен од 30 октомври до 16 ноември минатата година, за што ИНСТАТ достави соопштение и до медиумите.

- Реклама -