Албанците од Прешевска Долина протестираат за еднаков третман во Србија

За време на протестот говореа и професори од училиштата од Прешевската Долина, кои изразија загриженост за недостигот на учебници на албански јазик, додека учениците Албанци исто така изразија загриженост за непризнавањето на косовските универзитетски дипломи од страна на српските власти

Албанците од Прешевската Долина во Србија одржаа протест против дискриминацијата што, според нив, ја вршат српските власти. Протестот, кој се одржа во Бујановац, го свика Албанскиот национален совет од Прешевската Долина, каде што учествуваа Албанци од Прешево, Медвеѓа и Бујановац.

„Врати ми ја адресата“, „Сакаме албански книги“, беа дел од пораките што демонстрантите ги носеа на протестот.

Според организаторите, овој протест е организиран како одговор на дискриминаторската политика и нееднаквиот третман што со години го доживуваат Албанците од Прешевската Долина.

Пред демонстрантите говор имаше и Шаип Камбери, пратеник во собранието на Република Србија, кој рече дека дискриминацијата како феномен е забранета за демократските општества.

„Тука сме затоа што владата во Белград одбива да ги почитува нашите права, одбива да нѐ интегрира во државните органи на фер и рамноправен начин, затоа што не ни ги признава дипломите. Нè пасивизира, нè дискриминира, ни го стеснува основниот простор за нормален живот“,

рече Камбери.

Според него, Србија ја прекршува секоја меѓународна норма, негирајќи им на Албанците секакво право.

За време на протестот говореа и професори од училиштата од Прешевската Долина, кои изразија загриженост за недостигот на учебници на албански јазик, додека учениците Албанци исто така изразија загриженост за непризнавањето на косовските универзитетски дипломи од страна на српските власти.

Пред една недела, Европската комисија и Министерството за надворешни работи на Германија изразија загриженост за пасивизирањето на адресите на Албанците во Прешевската Долина од страна на српските власти, нагласувајќи дека оваа тенденција на Србија е во спротивност со обврските што оваа земја ги има за почитување на малцинските права.

Според албанските власти, во Прешевската Долина досега се деактивирани околу 6 000 адреси во Прешево, Бујановац и во Медвеѓа. Додека, според последниот попис на населението во Србија, Албанците се четврто по број малцинство, со околу 61 илјада регистрирани Албанци.

- Реклама -