Во Музејот на современата уметност – Скопје, сè уште можете да ја погледнете изложбата „Аквизиции – Донации 2022-2023“, која ќе биде отворена до 26 август.
Кураторка на изложбата е Ива Димовски. Изложени се дела од реномирани македонски и светски познати уметници, кои нашиот музеј ги има добиено по пат на аквизиции и донации.
МСУ – Скопје веќе долго време ја развива меѓународната активност, преку значајни музејски проекти. Потврда за тоа се прилози за дел од проектите на МСУ во најугледните светски списанија за уметност, Артфорум, Фриз, E-флукс…
По донациите на рускиот колектив „Ч’то делат“, холандскиот уметник Јонас Стал и германските уметници Јана Детмер и Моника вон Ешенбах, музејот неодамна доби и десет нови подароци, цртежи и колажи од светски реномираните полски уметници Артур Жмијевски и Павел Алтхајмер, како и серија од пет скулптури, донација од светски познатиот автор Ахмет Огут.
Покрај меѓународните донации, музејот доби подароци и од македонски уметници.
Значаен прилог за периодот на уметноста во седумдесеттите и осумдесеттите години на 20-от век се и донациите на 55 дела од авторот Симон Узуновски, кои ги подарија неговите наследници.На изложбата се претставени дела од македонски и странски автори кои Музејот ги добил по пат на донација од самите автори/наследници, 82 дела од 16 автори, од кои 55 уметнички дела се од авторот Симон Узуновски. Но, и по пат на аквизиции, кои последен пат се реализирани во 2022 година, откупени се дела од двајца македонски автори: Јован Шумковски и Симон Узуновски.