Таа сака исто силно како тато и мама, нежно како баба и дедо, безусловно и најмногу, ама и сосема поинаку. Ѝ се таложат обвиненија по повеќе точки – дека е крива за константно мазење и пазење, прикривање на докази за детска неодговорност, неизнесување на детските тајни во јавност, купување премногу и предобри подароци, охрабрување на „одење по облаци“, соучесништво во разни „лудости“… Тој кривец, веќе насетувате, го викаат „тетка“.
Тетка не мора да го повиши гласот и да брои до три за децата да ја послушаат, тие тоа го прават и без тоа. И таа нив ги слуша, па дозволено ѝ е да ги бакнува и гушка повеќе од другите членови на семејството. Грижливо ги чува детските тајни, брзо ги брише детските солзи, уште побрзо ја враќа насмевката.
Тетка е рамо за плачење, ветер во грбот, безбедна куќа. Доаѓа во пакет со чоколади, идеи за глупирање и толеранција кон сладолед во зима. За неа најдобро зборуваат нејзините дела, децата кои ја имаат таа среќа нивните татко или мајка да имаат сестра, но и експертите.
Без тетка не е тоа тоа
Според психологот Маја Јаниќ, тетката е драгоцен „зачин“ во растењето и воспитувањето на децата:
„Односот со тетката е посебен уште од првиот момент. Тешко е да го споредите со било кој друг, иако и родителската и љубовта од бабите и дедовците е недвосмислена. Тетката обично полудува од радост кога ќе ја добие таа улога, макар што некогаш ни сама не е свесна што тоа ја снашло. Јасно ѝ е само дека тоа мало суштество е нејзина крв и дека таа е тука за да го сака и мази“, вели психологот.
Задачата на тетката е да игра со малите, да им пее песни, да им чита бајки, да се смее на нивните фори, да им аплаудира на нивните успеси, да измислува нови игри, скришно со нив да јаде слатки, да скока јаже, да научи фудбал, да се маскира за 1ви април, да вришти од смеа додека ја скокоткаат, да не се лути кога рано ќе ја разбудат, да се преправа дека ништо не знае кога родителите ќе ја прашаат за одредени нешта… Згора на тоа, сето ова на тетката ѝ оди од рака, ѝ доаѓа сосема природно и со леснотија. Ретко ќе нема време за своите внучиња, уште поретко ќе заборави роденден, ќе пропушти приредба или патронат, или ќе одбие да им исполни некоја желба.
Еднаш другар, секогаш другар
Тетката е толку добра другар што некогаш ѝ се замерува дека ги расипува децата, бидејќи толку им удоволува што стануваат размазени. Но, Јаниќ вели дека така и треба, на тетката сé да ѝ е дозволено, бидејќи таа не е родител и не треба така да се однесува. Работа на мама и тато е на конвенционален начин, макар и преку карање и казнување кога е потребно, да ги воспитуваат децата. Работа на тетката ѝ е само да искажува љубов, нежност, трпение, поддршка и толеранција. Јаниќ смета дека и неа треба да ѝ се допушти да се спушти на детско ниво, бидејќи децата тоа нема да го злоупотребат.
„Напротив, ќе бидат сé поотворени кон неа, ќе ја зацврстат довербата, ќе ја наградат со доверување тајни, ќе побараат нејзино мислење и совет… Тоа е особено важно во времето на пубертетот, бидејќи децата тогаш дополнително се затвораат, немаат доверба кон возрасните, бунтуваат против авторитетот. Но кога со тетката имаат изградено убав и близок, отворен однос, тогаш тие и во овие години ќе ја доживуваат како пријател кому можат да му кажат сé, па и оние помалку пријатните нешта. На тетката ѝ се доверува за љубовта, лошите оценки, излегувањата, дилемите“ – објаснува психологот.
Посебни права
Велат дека тетка е најдобра „професија“ на светот и затоа што нејзината љубов никогаш не е изнудена, а секогаш забележана и прифатена. Малите ја наградуваат со цртежи, песни и честитки дури и пред да ги научат сите букви. Тинејџерите искажуваат благодарност така што ѝ допуштаат, за разлика од на другите возрасни, да го објави нивното заедничко селфи. Дури и во зрелите години, тетката нескриено останува омилен член од семејството.
Има еден цитат што најдобро опишува што значи тетка; од писателот Душко Радовиќ, а гласи вака: „Мајки, раѓајте им на децата сестри, бидејќи тие еден ден стануваат тетки, а тетките се најубав, незаменлив дар на секое детство“.
Позитивен пример, особено за тинејџерките
Тоа што младите девојки и девојчиња денес сé повеќе боледуваат од анорексија и булимија, и се самоизгладнуваат за да изгледаат „убави и згодни“ како девојките од насловните страни и Инстаграм, би можеле да го променат – тетките. Така барем тврди Стив Бидал – автор на студија околу пореметувањата во исхраната кај младите девојки, како и околу депресијата и самоповредувањето.
„Ние возрасните не им подаруваме доволно време и внимание на нашите ќерки, а би требало. Никогаш тинејџерките не биле како сега под константен притисок да бидат на диета, слаби, убаво облечени, да пијат алкохол и да се изложени на порнографија. За да се запре таа епидемија, би требало да се вклучат тетките, бидејќи тие можат да бидат позитивен пример, бидејќи девојките им доверуваат нешта кои не би им ги довериле на своите мајки“.
Ете. Сé ова погоре, сé тоа се тетките.