„Ако може во кафана, можат и двајца да држат состанок“, им рекол Груби на новинарите кога реагирале зашто не носи маска

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) испрати остра реакција за денешното организирање на настанот во Државниот архив на Република Северна Македонија и изјавата во таа прилика дадена од првиот вицепремиер Артан Груби, при што, како што велат, не биле обезбедени соодветни услови за следење на настанот за медиумските екипи, а кои од организаторот биле поканети да го проследат.

ССНМ особено реагира на фактот што од институциите кои го организирале настанот не биле почитувани мерките за заштита од ковид-19.

„Во услови кога дневно бројките на новозаболени од коронаворус се искачуваат до 400, необезбедување на соодветни услови за работа на новинарите претставува загрозување на нивното здравје. Ваквиот однос кон медиумските работници е неприфатлив кога доаѓа од кој и да е субјeкт, а особено е неприфатливо кога доаѓа од владини и државни институции, од вицепремиер, кои всушност треба да бидат пример како се почитуваат и спроведуваат мерките“, се вели во реакцијата.

Според ССНМ, денеска Државниот архив и вицепремиерот Груби и луѓето од неговиот кабинет, не само што не ги почитувале мерките за заштита, туку и со тоа непочитување го загрозиле здравјето на новинарите и медиумските работници кои ги поканиле да го проследат нивниот настан.

„ССНМ притоа го смета за непримерен одговорот на вицепремиерот Груби на забелешката на новинарите, снимателите и фоторепортерите кои биле присутни на настанот – дека тој и луѓето околу него не носат маски и оти сѐ се случува во просторија каде нема доволно простор за дистанца, на што тој одговорил дека ако може во кафеана и во кафетерија четворица да седат на мса, можат и двајца да држат состанок без маска. Со тоа вицепрмеиерот Груби не само што не ја почитува уредбата за носење на маска во затворени простории, вклучитено и институции, туку институциите, но и новинарската работа ја спореди со кафеана“, се вели понатаму во реакцијата.

Во неа се потсетува и дека токму на инсистирање на ССНМ и на ЗНМ лани Владата донесе правилник/протокол за организирање на настани за медиуми. Оттаму, ССНМ бара протоколите доследно да се почитуваат од сите државни и владини претставници, за да се заштити здравјето и да се намали изложноста на новинарите и медиумските работници на ковид-19 за време на извршување на нивните работни задачи. „ССНМ потсетува дека новинарите и медиумските работници кога одат на настан одат да извршуваат работна задача, а не одат во кафеана“, се додава во реакцијата.

Синдикатот притоа ги повика сите новинари и медиумски работници, доколку не се обезбедени потребните услови за безбедно следење на настаните, односно не се почитуваат протоколите од страна на субјектите ги поканиле медиумите, тие да укажат на недоследностите, да го напуштат настанот и да пријават до ССНМ.

Извор: МИА

- Реклама -