„Ако ајкулите беа луѓе“, г-ин Којнер беше прашан од малата ќерка на газдарицата, „ќе беа ли подобри кон малите риби?“
„Секако“, рече тој. „Ако ајкулите беа луѓе, тие ќе изградеја огромни кутии во океанот за малите риби, со секакви видови храна внатре, и растителна и животинска. Тие би се грижеле кутиите секогаш да имаат свежа вода, и генерално, би се погрижиле за секакви видови на санитарни аранжмани. Ако, на пример, некоја мала риба би ја повредила перката, веднаш би ѝ бил ставен завој, за да не умре и да биде изгубена за ајкулите пред да ѝ дојде време. За малата риба да не стане меланхолична, одвреме-навреме би имало големи водни фестивали; бидејќи добро расположената риба има подобар вкус од меланхоличната.
Во големите кутии би имало, се разбира, и школи. Во овие школи малата риба би учела како да плива кон челуста на ајкулите. Би требало да знае географија, на пример, за да може да ги најде големите ајкули, кои мирно лежат некаде наоколу. Основниот предмет, се разбира, би бил морална едукација на малата риба. Би учеле дека е најдобро и најпрекрасно нешто во светот ако малата риба радосно се саможртвува и дека сите мораат да им веруваат на ајкулите, особено кога тие ќе речат дека обезбедуваат подобра иднина. Малата риба би научила дека оваа идина е сигурна само ако таа научи покорност. Малата риба би морала да внимава на сите основни, материјалистички, еготистични и марксистички инклинации, а ако некоја од другите мали риби пројави такви инклинации, таа би морала под итно да ги извести ајкулите.
Кога ајкулите би биле луѓе, тие, се разбира, би воделе меѓусебни војни, со цел да освојат други кутии со риби и други мали риби. Војните би биле водени од нивните сопствени мали риби. Тие би ги научиле своите мали риби дека постои огромна разлика помеѓу самите нив и малите риби што им припаѓаат на другите ајкули. Малите риби, тие би прогласиле, се добро познати по тоа што молчат, но тие молчат на многу различни јазици, па така е невозможно да се разберат едни со други. Така, секоја мала риба што во војна би убила неколку други мали непријателски риби, молчеливи на нивниот сопствен јазик, би добила орден направен од морски треви и би ѝ била доделена титула на херој.
Ако ајкулите беа луѓе, исто така би имало, се разбира, и уметност. Би постоеле прекрасни слики, во кои забите на ајкулите би биле портретирани во величенствени бои, а нивните челусти – како градини на задоволството, во кои малата риба би можела да палави безгрижно. Театрите на дното на морето би прикажувале херојски мали риби што ентузијастично пливаат кон вилиците на ајкулите, а музиката би била толку прекрасна што заедно со оркестарот би ја охрабрувале рибата да плови како во сон кон челуста на ајкулата, замаена од најљубезни мисли.
Ако ајкулите беа луѓе, исто така би постоела и религија. Би проповедала дека малите риби всушност почнуваат вистински да живеат дури кога ќе се најдат во стомакот на ајкулата.
Понатаму, ако ајкулите беа луѓе, би бил ставен крај на сета еднаквост меѓу рибите, како што е и сега. На некои би им биле дадени важни канцеларии и би биле поставени над другите. На тие што би биле малку поголеми дури би им било дозволено и да ги јадат помалите. Тоа не би им пречело на ајкулите, бидејќи така тие би добиле поголеми залаци за јадење. А поголемите мали риби, окупирајќи ги своите позиции, би се погрижиле за редот и поредокот помеѓу малите риби, станувајќи учители, офицери, инженери за конструкција на кутии, итн.
Накратко, ако ајкулите беа луѓе, тие за прв пат би ја вовеле културата и цивилизацијата во океанот“.
Бертолт Брехт, „Приказните за Г-ин Којнер“, Од “Measures against power”