Ајкула спасила човек

Човек кој преживеал во средината на Пацификот цели 106 дена вели дека ајкула му го спасила животот.

Тоакаи Теитои, 41 годишен полицаец од централно-пацифичкиот остров Кирибати на 27 мај тргнал на кусо патување со својот зет, од главниот град на Кирибати, Тарава, до неговиот дом на островот Маиана. Двајцата решиле своето патување да го подобрат со малку риболов при што заспале во текот на ноќта. Кога се разбудиле нивниот 4,5 метарски чамец бил однесен на отворено море.

„Имавме вода но немавме ништо за пиење“ објаснил Теитои за новинскиот сервис Agence France-Presse. Фалаил, 52 годишниот зет умрел на 4 јули од дехидрација. Таа ноќ Теитои спиел крај него „како погреб“, пред емотивниот закоп на море следното утро. Теитои понудил многу малку детали за времето што го поминал на море кога пристигнал во Махуро, на Маршаловите Острови во саботата.

Тој рекол дека се молел ноќта кога умрел Фалаил и следниот ден имало бура и во следните неколку дена тој успеал да наполни 2 садови од по 19 литри со вода за пиење. Минале денови и недели но Теитои, татко на шест деца, не знаел дали ќе преживее или не. Тој живеел главно на риба и се штител од тропското сонце во малиот покриен дел на предниот крај на чамецот.

На 11 септември тој бил разбуден од звукот на гребење на чамецот. Ајкула долга 1,8 метри кружела околу чамецот. „Ајкулата го туркаше чамецот кон рибарски брод“ изјавил Теитои. „Погледнав нагоре и видов брод чиј екипаж ме набљудуваше низ двогледи.“ Првото нешто што го побарал откако екипажот го извадил од водата било цигара.

Екипажот му дал храна и сок по што рибарите продолжиле со својата работа неколку дена пред да го остават во Махуро. Теитои, кој изгледал здраво, рекол дека купил билети за лет до дома додавајќи „Никогаш не влегувам во чамец повторно.“ Рекордот за најдолгото пловење на море најверојатно им припаѓа на двајца морнари, исто така од Кирибати, кои минале 177 дена на море пред да стигнат во Самоа во 1992 година.

- Реклама -