Ајде да ја пркнеме Small Star Empires – првата македонска друштвена игра

Main Story Image With Title

Ве поздрави Милан Тасевски, дизајнерот на првата македонска друштвена игра. Рече да ви пренесеме дека од 12-ти Март во Јавна Соба (Public Room), со почеток од 18:00, ќе започне претпродажбата на неговата (и нашата) игра – Small Star Empires, на популарната онлајн платформа за crowdfunding – Kickstarter. Настанот ќе трае неколку часа, пред и по лансирањето на платформата, а ќе вклучува и презентација на играта – тие што не се запознаени ќе имаат можност да ја видат и испробаат (и гага да ја играат) и секако, да се дружат со екипата и луѓето зад нејзиното постоење. Ќе може да се нарача и копија.

Играта се очекува да излезе по успешно реализираната кампања на Kickstarter, затоа, помогнете да се случи.

Тие што нема да дојдат, ќе ги сметаме за спремни дома, пред компјутерите.

ЛИНК ДО ФЕЈСБУК НАСТАНОТ: Клик

_DSC0009

ЗА ИГРАТА:

Галаксијата полека се буди. Четири од поголемите цивилизации конечно развиваат ѕвезден погон кој што им овозможува да патуваат низ вселената. Цивилизациите тргнуваат во колонизирање на вселената и со тоа ги воспостават своите галактички империи!

“Small Star Empires” е првата оригинална македонска друштвена игра. Во оваа игра, играчите преставуваат различни цивилизации кои што ја колонизираат галаксијата со нивните бродови кои што ги поместуваат на модуларна мапа составена од хексагонални полиња (ѕвездени системи). Модуларната мапа се составува од 7 различни Сектори што овозможува секој пат да играте на мапа различна од претходниот пат.

На секторите се наоѓаат Ѕвездени системи, во кои што има одреден број на планети и во зависност од бројот на планети, толку поени носи тој систем на крајот на играта. Оваа игра е едноставна и брза за учење, но нуди многу стратешки избори што произлегуваат од едноставноста на играта и модуларноста на мапата.

Small Star Empires е игра за 2-4 играчи, возраст 13+ и треба 15-20 минути да се одигра една партија. Во кутијата на играта има сектори, фигури за играчите и правилник. Играта ќе чини 2000 ден, со вклучена испорака.

_DSC0940-square-promo

„За мене беше голем креативен предизвик да ја дизајнирам играва како и да ги создадам графичките елементи и цртежот на кутијата“ – вели креаторот на играта, Милан Тасевски. „Досега ја презентирав играта пред многу луѓе вклучувајќи луѓе од Македонија како и посетители на најголемиот саем за друштвени игри во светот “Essen Spiel” во 2015. Можам искрено да кажам дека добивме многу позитивни критики и всушност на саемот, многу луѓе бараа да купат копија од играта! За жал, ние немавме копии за продавање бидејќи играта сеуште не е произведена, но затоа луѓето ќе имаат шанса да ја поддржат преку Kickstarter кампањата која ќе започне на 12-ти Март 2016.“

На кратко, правилата:

New Title HD

Секој играч на својот круг поместува еден од неговите вселенски бродови на мапа составена од хексагонални полиња. На овие полиња се наоѓаат од 1-3 планети. Единствено правило во движењето е дека бродот мора да се придвижи во права линија и не смее да лета преку полињата на другите играчи. Откако играчот ќе го помести својот вселенски брод, тој воспоставува контрола на полето каде што е бродот и ова значи дека на крај ќе добие поени од тоа поле, во зависност од тоа колку планети се наоѓаат на полето. Така, играчите играат сè додека не ги потрошат своите колонии или додека го потрошат последниот потег со бродовите, по што се настапува со броење на поените.

12140084_443609232501517_1872468263237806202_o12087284_443180152544425_3208966880541938809_o

Оваа игра наликува на шахот, само условот за победа е различен. Треба да правите промислени потези, односно да ги зафатите ѕвездените системи со најмногу планети, а притоа да не им овозможите на другите играчи да го сторат истото. Играта има и модуларна мапа која играчите ја создаваат секоја нова партија, па така со малку поместување и ротирањe на деловите од кои се состои мапата можете постојано да играте на различна мапа. Ова, секоја нова игра ја прави уникатна. Пластичните фигури се одлично изработени, па имате чувство дека навистина патувате со вашите вселенски бродови и ја населувате галаксијата.

11225332_979342028793672_8764660951622494135_o

За Archona Games

Archona Games е студио за друштвтени игри креирано од Милан Тасевски на почетокот на 2015. Започна како тим од еден човек но набрзо се прошири со уште двајца, Владимир Трајчевски и Иво Нешковиќ.

Како големи обожаватели на друштвените игри, тие се посветени да го шират зборот за друштвените игри и да ги посеат семињата на идни фанатици на овој жанр на забава. Владимир е сопственик и на единствената специјализирана продавница за друштвени игри во Македонија – Гоблин Друштвени Игри а Иво е страстен играч кој што има искуство во индустријата за видео игри. Милан, покрај дизајнирањето на Small Star Empires како и други идни игри е сопственик и на порталот за друштвени игри – boardgames.mk каде што пишува на македонски со надеж дека ќе ја прошири културата и забавната страна на друштвените игри во земјава.

Во меѓувреме:

Ако сакате да ја поддржите првата оригинална македонска игра и нејзиниот дизајнер, во меѓувреме тоа може да го направите со вашите лајкови на Facebook и тоа на Small Star Empires и на Archona Games, а ако сакате да бидете во тек со вестите за играта, можете да ја посетите официјалната страна Archona Games, да се регистрирате на Аrchona Games Newsletter и да добивате вести преку мејл.

- Реклама -