Ајатолахот Хамнеи повика на здружен отпор против Израел

Врховниот лидер на Иран ги повика муслиманите „да застанат покрај народот на Либан и гордиот Хезболах со какви било средства што ги имаат и да им помогнат во соочувањето со злобниот режим на Израел“

Фото: ЕПА

Ајатолахот Али Хамнеи, кој е врховен лидер на Иран, повика на здружен отпор кој ќе се соочи со како што рече „злобниот режим на Израел“. Неговата реакција следи откако Израел потврди дека во синоќешните напади во јужните предградија на Бејрут, го ликвидирале лидерот на Хезболах, Хасан Насралах.

Хамнеи ги повика муслиманите „да застанат покрај народот на Либан и гордиот Хезболах со какви било средства што ги имаат и да им помогнат во соочувањето со злобниот режим на Израел“.

Тој смета дека судбината на регионот ќе ја одредат силите на отпорот, со Хезболах во првите редови.

Врховниот лидер на Иран го осуди убиството на цивили во Либан, потенцирајќи дека тоа ја покажува „краткогледноста и глупавата политика на водачите“ на Израел.

Пред објавата на Израел дека го ликвидирале Насралах, американскиот државен секретар Ентони Блинкен, коментирајќи ги синоќешните напади, рече дека САД се уште верува во мировен договор.

„Најважно е прво да се обидеме да ги натераме двете страни да престанат да пукаат и да го искористиме времето за време на таквото примирје, за да видиме дали може да се постигне поширок дипломатски договор“,

рече Блинкен на прес-конференција.

- Реклама -