„Денеска, по 20 години, Република Северна Македонија има појасен увид во целокупното население и процентите на заедниците во земјата“, напиша на Фејсбук лидерот на ДУИ – Али Ахмети, некриејќи го задоволството од успешноста на пописот.
„Им честитам на сите институции кои беа инволвирани и помогнаа во спроведувањето на процесот кој започна во март минатата година со регистрација на дијаспората и заврши во септември со регистрација на населението во земјата. Предизвикот не беше лесен, но успеавме да го завршиме со успех“, порача Ахмети.
Лидерот на интегративците посебно се пофали што бројот на Албанци во Скопје пораснал на 22.8%, во споредба со 2002 година кога нивниот број изнесувал 20.04% од населението во главниот град.
Ахмети сподели неколку табели, меѓу кои и табела што ја претставува етничката припадност на попишаното нерезидентно население, која покажува дека 66.36 отсто од попишаните од дијаспората се Албанци, наспроти 24.45% кои се изјасниле како Македонци.
Меѓу табелите има и една спорна, според која процентот на Албанци од вкупно попишаното население е 31.51%. Табелата е спорна поради математичката гимнастика до која е дојдено до ваквата бројка – имено, од вкупниот број на попишани, Ахмети ги одземал оние 132.260 граѓани кои од разни причини не биле попишани на терен, поради што за нив нема податок за нивната етничка и верска припадност (бидејќи такви податоци не можат да се извлечат преку административни извори). Сепак, иако Ахмети преферира оваа бројка да се исклучи од пресметките, во реалноста овие луѓе постојат и, со оглед на повиците за бојкот на пописот кај Македонците (што не беше случај кај Албанците, особено во дијаспората), сосема реална е можноста дека најголем број од нив би се изјасниле како етнички Македонци, доколку би биле попишани на терен.