Ахмети да се адаптира во опозиција, на ДУИ им требаат реформи и кауза, вели Таравари

Таравари вели дека како „Вреди“ немаат ништо против да комуницираат со лидерот на ДУИ, но истакна дека им е важно партијата да почне со реформи затоа што тоа и е потребно

Министерот за здравство Арбен Таравари кој е дел од коалицијата „Вреди“ во владата и денеска повтори дека на Демократската унија за интеграција (ДУИ) и треба адаптација како опозиција, но и  дека и се потребни реформи и кауза.

Ваквата изјава на Таравари, која неколкупати досега ја даде, следува откако минатата недела коалицијата „Вреди“ доби повик од „Европскиот фронт“ предводен од ДУИ да ја напушти владата и да се приклучат кон нивната коалиција за „заедно да му ги покажат црвените линии на премиерот Христијан Мицкоски“.

„За седнување кога сака ќе седнеме, ама не знам што ќе правиме. Прво му треба на господинот, Ахмети реформи, адаптација и кауза, да излезе и да ни каже што сака. Ние за седнување сме отворени и комуницираме со сите политички партии, без исклучок“,

рече Таравари.

Тој додаде дека како „Вреди“ немаат ништо против да комуницираат со лидерот на ДУИ, но истакна дека им е важно партијата да почне со реформи затоа што тоа и е потребно.

„На ДУИ и требаат пред се реформи“,

вели Таравари.

Таравари додаде дека одамна на Ахмети му укажувал дека нешто треба да се смени во партијата затоа што 107 илјади албански гласови биле против него, односно отишле за „Вреди“.

„Тоа се гласови, кои никогаш ниедна албанска опозиција не добила од 1991 година, од кога се одржуваат избори во Македонија“,

рече Таравари.

Во однос на информациите дека Мендух Тачи го напуштил „Европскиот фронт“ и праша за негов став, Таравари кусо одговори:

„Тачи е посебен, тоа е негова одлука и не би сакал да коментирам“. 

Околу повикот на лидерите од „Европски фронт“ за „Вреди“ да ја напушти владата, минатата недела и премиерот Христијан Мицкоски рече дека ДУИ полека се навикнува дека е во опозиција и на тоа уште подобро ќе се приспособи. 

За напуштањето на Тачи на коалицијата „Европски фронт“ вчера коментираше и вицепремиерот Изет Меџити кој рече дека ќе има поголема дестабилизација таа коалиција и оти ова е само почеток.

- Реклама -