Агелер: „Црната листа“ ќе наметне чувство на одговорност кај функционерите, наставниците, здравствените работници, да постапуваат правилно и со интегритет

Во САД се разгледуваат соодветни санкции за поединци кои ги прекршиле американски закони и норми. Веројатно во претстојните месеци ќе видиме едно или можеби неколку имиња, изјави амбасадорката на САД, Анџела Прајс Агелер, прашана за објавувањето список на корумпирани функционери во земјава и дали некои лица се под истрага на американската влада и институции.

„Нема само еден список. Всушност, има неколку, бидејќи американската влада има неколку сектори кои се занимаваат со корупцијата, и не е единствен список што доаѓа со многу имиња на него и тука да ја завршиме работата. Бидејќи, корупцијата тука е тековно прашање, не е дека ќе излезе некаков список и работата ќе престане“, рече Агелер.

Амбасадата на САД и нејзиниот тим, посочи, се во постојан конткат со функционери во Вашингтон, со секторот финансии, со Стејт Департментот, со конзуларното биро каде се разгледуваат визни санкции, економски санкции, Советот за национална безбедност.

„Тоа е непрекинат процес при што се разгледуваат соодветни санкции за поединци зависно од тоа каков тип на американски закони и норми прекршиле и САД веќе да не ги прими. Веројатно во претстојните месеци ќе видиме име, можеби неколку имиња, но тие ќе излегуваат и во претстојните месеци и години, онака како што ќе се движат истрагите во Вашингтон“, нагласи амбасадорката.

Според Агелер, санкциите носат чувство на одговорност и последици и ќе поттикнат подобро однесување и ќе ги натераат избраните функционери, наставниците и здравствените работници да постапуваат правилно, како и да си ја вршат работата со интегритет. Одговорајќи на прашања на панел дискусијата „Ајде да зборуваме за предизвиците и иднината на Северна Македонија“ што се одржа во Ценатрот за млади во заедницата (YCC) Гостивар, Агелер потенцираше дека санкциите, без разлика дали се работи за политичари или за бизнисмени, можат да бидат многу ефективни и охрабрувачки.

Прочитајте и:  Агелер: Црната листа е многу динамична - постојано се разгледуваат имиња и едвај чекаме да додадеме нови

„Сфативме дека санкциите, без разлика дали се работи за политичари или за бизнисмени, можат да бидат многу ефективни и охрабрувачки. Тие ги тераат луѓето да бидат многу попретпазливи отколку што биле, бидејќи санкциите на САД се сериозни и може да имаат долготрајни последици“, рече амбасадорката.

Таа потенцираше дека САД наметнале санкции зашто тоа е во нивен интерес, а тоа, како што рече, и се очекува од нив како суверена нација – одредени луѓе да не смеат да влезат во САД.

„Заканата од и ставањето на ‘црна листа’ ќе ги натера избраните функционери, функционерите во министерствата во оваа земја, наставниците, здравствените работници да постапуваат правилно, да си ја вршат работата со интегритет, бидејќи ако не го прават тоа така, може да се соочат со последици. Ние се надеваме дека санкциите носат чувство на одговорност и последици. И се надевам дека тоа ќе се всади во свеста на заедниците во оваа земја. Исто така, граѓаните го бараат тоа од оние што работат за нив, бидејќи, освен кога станува збор за бизнисмените, ние зборуваме за административни службеници, луѓе како мене, кои се ангажирани да работат за својата земја и да го прават она што е во најдобар интерес на државата, а не за лични интереси“, подвлече Агелер.

Извор: МИА

- Реклама -