„Правниот тим на американската Амбасада ги разгледува измените во Кривичниот законик. Јас лично не сум ги видела, така што не можам да ги коментирам, но како што беше соопштено и од Стејт депарментот, потребно е да се следат процедурите на правниот систем на земјава“, изјави денеска американската амбасадорка Анџела Агелер, која присуствуваше на почетокот на работата за изградба на Коридорот 8, прашана за коментар за брзото усвојување на измените на Кривичниот законик.
Претходно, од прес-службата на Стејт депарментот, за „Гласот на Америка“ на македонски јазик, прашани дали новите измени во Кривичниот законик со кои се намалуваат казните за злоупотреба на функцијата и за злосторничко криминално здружување ќе ги отежнат напорите на САД да помогнат во борбата против корупцијата во државата, одговорија дека „корупцијата има потенцијал да ги поткопа стратешките амбиции на земјава“.
„Ја охрабруваме Северна Македонија да ги исполни нејзините ветувања за борба против корупцијата. Лидерите на Северна Македонија мора да покажат силни, опипливи, антикорупциски резултати преку зајакнување на институционалната независност и спречување на политичкото мешање, особено во судствотото, што е од суштинско значење за исполнување на целите за пристапување во ЕУ и градење доверба на граѓаните во владата“, порачаа од Стејт департментот.
Собранието минатата недела, со европско знаменце и во забрзана постапка, ги помина измените на Кривичниот законик кои предвидуваат пониски казни за службени лица и функционери кои ќе ја злоупотребат својата позиција, а претседателот Стево Пендаровски го потпиша Указот за прогласување на Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик.
Извор: МИА