Агелер: Коридорот 8 е инвестиција во иднината на Северна Македонија, но и многу голем ден за САД и за американскиот бизнис овде

Поставувањето камен-темелник на проектот Коридор 8 (со што се означи почетокот на изградбата на модерен, современ автопат Тетово – Гостивар, Гостивар – Букојчани, Требениште – Струга – Ќафасан) е посебен ден за Северна Македонија, за Западен Балкан, за цела Европа, но и многу голем ден за САД и за американскиот бизнис во земјава, изјави денеска американската амбасадорка Анџела Прајс Агелер, во своето обраќање на свечената церемонија.

„Ова е инвестиција во иднината на Северна Македонија и на сите земји поврзани со Коридорот 8 и пошироко. Подобрувањето на патиштата во Северна Македонија е од исклучително значење за економскиот развој. Развојот на оваа модерна патна мрежа ќе помогне да се движат луѓето, да се движат стоките и да се привлечат инвестиции. Добрите транспортни рути како Коридор 8 ќе ѝ помогнат на Северна Македонија да ја подобри својата регионална интеграција и да изгради подобри односи со своите соседи“, рече Агелер.

Американската амбасадорка изрази благодарност до Владата, до претставниците на „Бехтел и Енка“ и на целокупните тимови, за нивните напори за отпочнување на овој проект.

Таа изрази уверување дека работите ќе се движат брзо и успешно при изградбата на оваа, како што рече, современа патна мрежа која ќе доведе до зближување на луѓето од регионот.

Извор: МИА

- Реклама -