Африка ја доби првата брза железница – возовите ќе „летаат“ со 320 км/ч.

Африка, благодарение на Мароко, ја доби првата брза железница.

Железницата беше отворена на 16 ноември од мароканскиот крал Мухамед VI и францускиот претседател Емануел Макрон. Кралот железницата ја именуваше „Ал Бурак“ – според митското крилато суштество на кое, според исламот, летале пророците.

Брзата железница за повеќе од половина го скратува патот меѓу Казабланка и Танжир на мароканскиот брег – наместо 4 часа и 35 минути, патувањето сега ќе трае 2 часа и 10 минути.

Железницата е заеднички проект на марокански и француски компании, делумно финансиран со француски кредит од 625 милиони евра, како и со 300 милиони евра од Африканската банка за развој.

Новите шини ги поврзуваат мароканските градови Танжир и Кенитра, а ќе се надоврзат на постоечките кои ги поврзуваат Кенитра, Рабат и Казабланка. На новиот дел од шините – долг 186 километри, возовите ќе возат со брзина од 320 км/ч. Постоечките шини во должина од 137 километри исто така ќе бидат надградени – на нив возовите ќе сообраќаат со брзина од 160 км/ч, а со понатамошното усовршување – и до 220 км/ч. Според проценките на националната железничка компанија ONCF, брзата железница ќе превезува по околу 6 милиони патници годишно.

Плановите на Мароко не застануваат тука. За во 2020-та е планиран почеток на нов дел од брзата железница, по чија изградба патувањето од Танжир до Казабланка – пат долг 293 километри, ќе се скрати на само 1 час и 30 минути.

 

- Реклама -