Тројцата адвокати на обвинетиот екс-премиер: Димитар Дангов, Стерјо Зиков и Боро Тасевски, го напуштија судењето и со тоа се откажаа (видео) од тоа да го застапуваат Никола Груевски во предметот на СЈО „Насилство во Центар“, констатираше судијата Душан Јосифов на почетокот од денешното рочиште.
На Груевски, кому му се суди во отсуство бидејќи избега и доби азил во Унгарија, му беше доделен адвокат по службена должност – Петар Димовски.
Во изјава за ТВ „Телма“, адвокатот Боро Тасевски ги објасни причините за ваквата нивна одлука, а тие, вели, се процедурални:
„Законот за кривична постапка предвидува можност обвинетиот да бара повторување на постапката во рок од една година од дознавањето за постоење на правосилна пресуда против него. Доколку ние не ги откажевме полномошната и останеме како негови бранители во постапката, а тоа значи дека како бранители имаме комуникација со него, ќе се јави сомневање дека ние сме го известиле и дека од тие причини ќе започне да му тече рокот од една година за повторување на постапката“, рече Тасевски.