„Адора инженеринг ДООЕЛ Скопје“ на никаков начин не е вклучена во оперирањето со производството и испораката на топлинска енергија во градот Скопје и нема никакво влијание и контрола врз квалитетот на истата, реагираат од компанијата по реакциите на граѓаните за квалитетот при испораката на топлинска енергија во Скопје.
„Сакаме да ја информираме јавноста дека Адора инженеринг нема никакви ингеренции и улога во производството и испораката на топлинска енергија, а со тоа и во настанатата ситуација. Впрочем, иако Адора инженеринг на јавна лицитација ги купи топланите Исток и Запад, во моментов лиценциран производител на топлинска енергија во главниот град е Производство на топлина – Балкан Енерџи ДООЕЛ Скопје (БЕГ).
Групацијата БЕГ АД Скопје ги оперира и е одговорна за квалитетно производство и испорака на топлинска енергија во градот Скопје. Лиценцирани компании кои го снабдуваат градот Скопје со топлинска енергија се компаниите од групацијата БЕГ АД Скопје, која е единствен правен субјект кој го менаџира производството, дистрибуцијата и снабдувањето со топлинска енергија во главниот град“, посочуваат од „Адора инженеринг“.
Од компанијата посочуваат и дека во овој момент немаат воспоставено никаков партнерски однос со БЕГ.
„Адора инженеринг во септември 2021 година ги купи од Топлификација АД во стечај, топланите Исток и Запад и основните средства за производство на топлинска енергија. До денешен ден, овие основни средства не се предадени на Адора инженеринг и со нив управува Производство на топлина Балкан Енерџи ДООЕЛ, фирма ќерка на групација БЕГ АД Скопје“, објаснуваат од Адора инженеринг во реакцијата.
„До овој момент БЕГ нема партнерски однос за топланите со Адора инженеринг, иако законот е дециден дека купувањето на имот во стечај наметнува нови партнерски договори со новиот сопственик, Адора инженеринг“, се наведува во соопштението.
Од компанијата посочуваат и дека производството на топлинска енергија е регулирана дејност за јавно добро на граѓаните, каде што еден од основните услови за добивање лиценца за производство на топлинска енергија е да си сопственик на топланите и основните средства за производство на топлинска енергија или да имаш договор за закуп на истите.
„Адора инженеринг од институциите на државата очекува правна заштита во насока на разрешување на моменталните и идни партнерски односи со корисникот на топланите и компетентните институции на државата, под чија надлежност е оваа регулирана дејност, при тоа почитувајќи ги сите законски прописи со што ќе се овозможи заштита на вложениот домашен капитал, зачувување на јавниот интерес и подобрување на условите кон корисниците.
Адора инженеринг се надева дека настанатата ситуација ќе има благовремена разрешница, а сè во интерес на јавното добро и на граѓаните“, велат од „Адора инженеринг“ во реакцијата.