„Присуството на Претседатели на држави, Премиери, Министри за надворешни работи, познати имиња од јавниот и општествениот и политичкиот живот од регионот, Европа и САД, ја потврдува репутацијата што ја создаде првиот Преспа Форум“, изјави советникот за надворешни работи на премиероот Заев – Едмонд Адеми, за „Фронтлајн.мк“.
Според Адеми, покрај одличната содржина и темите кои беа дискутирани, важно е и тоа што Преспа форумот за дијалог, преку одличната организација од страна на македонското МНР и другите служби на Владата, потврдил дека „нашите институции се спремени да се носат со големи организациски предизвици“.
Дополнително, Адеми смета дека форумот во Преспа, со успешната реализација, се вбројува меѓу важните настани од таков тип, на регионално, но и на европско и светско ниво:
„Можеме да констатираме дека Република Северна Македонија и Преспа Форумот се ставени на светската мапа на важни регионални и европски форуми, заедно со Блед Форум, Давос, Минхенската конференција и други“, рече Адеми за „Фронтлајн.мк“, додавајќи дека очекува настанот – на кој учествуваа преку 300 учесници: високи домашни и светски политичари и дипломати, премиери, претседатели, министри, генерални секретари на меѓународни организации, европратеници, претставници на граѓанскиот сектор, и над стотина домашни и странски новинари – да прерасне во традиционален форум кој ќе се одржува секоја година и ќе стане бренд на нашата држава.