„Ќе ги згрижиме оние бегалци од Авганистан што ни помогаа како членка на НАТО. Македонија, односно оние луѓе, кои работеле заедно со нашата мисија во Авганистан, што работеле за нашата армија и НАТО, како и новинари, миротворци, преведувачи“, истакна во гостувањето на ТВ „Сител“ советникот за надворешна политика во владиниот кабинет – Едмонд Адеми. Тој откри дека засега не се знае точно кога ќе пристигнат бегалците, бидејќи, како што вели, тешко се пристигнува до аеродромот во Кабул, а уште потешко се пристигнува до т.н. гејтови.
„Како дел од меѓународната коалиција покажавме дека сме спремни да помогнеме, низ историјата и Македонците и Албанците и другите народи имале слични настани и покажале дека се солидарни во вакви моменти. Европската унија порано или подоцна ќе сфати дека нивната улога е подеднакво важна за спасувачката мисија, бидејќи тие луѓе работеле за нивните амбасади. Верувам дека ЕУ ќе сфати дека има подеднакво одговорна улога за спасувањето на жените, децата и други категории на граѓани“, кажа Адеми.
Советникот на премиерот додаде дека станува збор за 650 лица кои се членови на семејства на вработени во Националниот демократски институт, „Отворено општество“, Обединетите нации, но и новинари, дописници на Би-Би-Си, Њујорк Тајмс, како и студенти на меѓународни универзитети.
Извор: Прес 24