Адеми: И протестите се демократски начин за изразување на политичката волја

Сепак, за такви чекори, додаде портпаролот на ДУИ тие сè уште не се определиле како политичка партија.

Одговарајќи на прашања во врска со изјавите на премиерот Христијан Мицкоски дека имаат сознанија дека ДУИ планира дестаблизација на државата наесен, Адеми рече дека ќе ги искористат сите демократски механизми кои ги имаат на располагање за да се преточи во конкретна правна норма легитимитетот на Албанците

И протестите се демократски начин на изразување на политичката волја и не треба некој на тоа да гледа како на нешто лошо дека се подготвува. 

Ова денеска го изјави портпаролот на ДУИ, Арбр Адеми, одговарајќи на новинарски прашања пред почетокот состанок на централното претседателство на партијата и темите кои ќе бидат разгледувани на него.  

Портпаролот на ДУИ, Арбр Адеми / Фото: Принтскрин

Сепак, за такви чекори, додаде, Адеми, тие сè уште не се определиле како политичка партија.  

Одговарајќи на прашања во врска со изјавите на премиерот Христијан Мицкоски дека имаат сознанија дека ДУИ планира дестаблизизација на државата наесен, Адеми рече дека ќе ги искористат сите демократски механизми кои ги имаат на располагање за да се преточи во конкретна правна норма легитимитетот на Албанците. 

За ова, како што рече тој ќе се консултираат со членството, со домашни и странски експерти. Ќе се консултираат и со американскиот експерт Пол Вилијамс, кого партијата го ангажираше за прецизирање на законско или уставно решение на т.н. Мајски договор, односно озаконување на меѓупартиското коалицирање по принципот „победник со победник“. 

Драфт-предлозите на Вилијамс, како што кажа портпаролот на ДУИ, во изјава за ТВ Сител, биле тема на дискусија на денешниот состанок на централното претседателство на партијата во Мала Речица.  

„Денеска ние разговараме, ги анализираме, ги коментираме предлозите кои го сочинуваат драфтот на Пол Вилијамс, и за секој иден чекор благовремено ќе бидете известени. Како што од порано имаме најавено  ангажиран е авторот на Охридскиот мировен договор за да даде предлози, бидејќи имаме различно толкување, за жал, на Охридскиот мировен договор иако таму јасно е прецизирано што значи праведна застапеност, тоа не значи да се почитува само при вработување во институциите туку и во процесот на донесување одлуки треба да има праведна застапеност. Се соочуваме со ситуација во која ние водиме битка кој е подобар пред граѓаните, што подобра понуда да понуди пред граѓаните, победуваш, те оценуваат граѓаните дека си најдобар и на крај некој друг одлучува иако си победил. И заради тоа е оваа политичка акција од страна на Демократската унија за интеграција и на „Европскиот фронт“ за правно санкционирање на почитувањето на меѓуетничкиот легитимитет“,

изјави портпаролот на ДУИ. 

Околу изјавите на премиерот Христијан Мицкоски дека ДУИ се подготвува да ја дестабилизира државата и дека тоа се очекува да се случи наесен, Адеми го повтори партискиот став дека тие се државотворна политичка партија која е гарант за мирот, стабилноста и европската иднина на државата.  

„Така што ние како политичка партија соочувајќи се со оваа политичка ситуација ќе ги преземе сите наши демократски механизми за почитување на волјата на граѓаните и владата да рефлектира меѓуетнички легимитет. Затоа и сме собрани денеска да дискутираме за драфот на д-р Пол Вилијамс за да ги анализираме коментираме, предлозите и мерките кои треба да ги преземеме како политичка партија“,

рече Адеми. 

Тој изјави дека и претходно се соочиле со слични ситуации каде нивните иницијативи наидувале на скептицизам, но, секогаш успевале бидејќи аргументите биле на нивна страна. 

„И овој пат сум убеден дека ќе успееме“,

рече Адеми, прашан што доколку нивните барања не бидат прифатени. 

Попладнево од ВМРО-ДПМНЕ во писмено соопштение рекоа дека ДУИ во моментот е во заложништво на мала група бандити во врвот на партијата и дека лидерот на интегративците, Али Ахмети од национален лидер на Албанците во Македонија, прераснува во најголем заштитник на криминалот во земјата.    

Оттаму порачаа дека нема да дозволат „една криминална банда“ да ја киднапира иднината на сите граѓани и да подбуцнува тензии во државата затоа што не е на власт и треба да се соочи со правда. 

Инаку, во врска со денешниот состанок на централното претседателство на ДУИ, Адеми во изјавата за ТВ Сител, информираше дека ќе организираат академија за годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор.   

Настанот ќе се случи на 13 август, токму на денот на потпишувањето на Договорот во 2001 година, во скопскиот хотел „Александар палас“, а негов покровител ќе биде лидерот на ДУИ, Али Ахмети.   

Инаку, ова била првата точка на денешниот состанок на централното претседателство, која, како што кажа Адеми, поминала едногласно на состанокот.  

Седиштето на ДУИ во Мала Речица / Фото: Архива

На прашање дали ДУИ ќе учествува на одбележување на годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, доколку таков настан биде организиран од државните институции, Адеми рече дека не е информиран за такво нешто имајќи предвид, како што додаде, дека лидерот на Демократската партија на Србите (ДПС) Иван Стоиљковиќ е вицепремиер и министер за односи меѓу заедниците.  

„Не сум информиран дека институционално ќе се организира нешто такво, некој настан, имајќи предвид дека г. Иван Стоиљковиќ е на позиција министер и вицепремиер за имплементација на Охридскиот мировен договор. Но, токму тоа беше првата точка денеска која едногласно помина на централното претседателство. Ќе организираме акадамија за годишнината на потпишување на Охридскиот мировен договор на која ќе учествуваат домашни и странски личности и луѓе кои придонеле за едно мултиетничко, кохезивно општество кај нас. На 13 август во 12 часот во „Александар палас“ ќе се организира таа академија, под покровителство на претседателот на партијата г. Али Ахмети“,  

рече Адеми.

- Реклама -