Францускиот Парламент го изгласа абортусот како уставно загарантирано право со 780 гласа за, од вкупно 925 пратеници и сенатори. Со овие измени на жените им се гарантира слободата да изберат абортус, пренесе „Гардијан“.
Изгласувањето на уставните амандмани беше поздравено со громогласен аплаус во Парламентот, а во чест на изгласувањето на ова право беше осветена и Ајфеловата кула.
„Прогонувани сме од страдањата и сеќавањата на многу жени кои не биле слободни. Имаме морален долг кон сите жени кои страдале. Денес, сегашноста мора да одговара пред историјата. Запишувањето на ова право во Уставот значи дека ја затвораме вратата на трагедијата од минатото и нејзината трага на болка и страдање. Со ова ќе се пречат реакционерите од напаѓање на жените. Да не заборавиме дека возот на опресијата може повторно да тргне. Затоа се обраќам до сите жени во нашите граници, но и надвор од нив, дека денес, ерата на свет на надеж започнува“ рече францускиот премиер Габриел Атал.
Со уставните измени во Франција, правото абортус освен законска заштита, која ја има од 1975 година, добива и уставна заштита.
Измените предвидуваат дека со закон ќе бидат утврдени условите под кои жените ќе го остварат правото на абортус, кое е гарантирано.
Оваа измена, според некои експерти, е чекор повеќе од Уставот на Југославија од 1974 година, која е првата земја што го гарантирала правото на абортус. Во југословенскиот Устав стоеше дека „Право на човекот е слободно да одлучува за создавањето деца“, член кој е потоа пренесен во уставите и на ексјугословенските држави, вклучително и Македонија.
Кај нас, Членот 41 од Уставот пишува дека „Право на човекот е слободно да одлучува за создавање на деца. Републиката, заради усогласен економски и социјален развој, води хумана популациона политика“.