Скопје, 5 октомври 2021 (МИА) – Телекомуникацискиот оператор А1 Македонија постави 5G мрежа во центарот на Скопје за финално тестирање, со што, како што соопшти, е чекор поблиску до комерцијално воведување на 5G технологијата за сите корисници. Со ова финално тестирање достигната е брзина од 1Gbps за пренос на податоци, реализирано на мобилен телефон кој поддржува 5G мрежа.
-Поставувањето на тестната 5G мрежа е уште еден доказ за нашата посветеност и стратешката определба за креирање и воведување најсовремени дигитални решенија, кои овозможуваат нови и напредни дигитални искуства на корисниците. Ова е само почеток на новата индустриска револуција, а 5G е горивото на кое таа работи. Продолжуваме понатаму со интензивни активности за што побрза имплементација на оваа технологија за комерцијална употреба, вели во пишана изјава Методија Мирчев, извршен директор на А1 Македонија.
Од компанијата истакнуваат дека новата 5G мрежа ќе овозможи поголема брзина и поголем капацитет, помала латенција и поголема мрежна покриеност во преносот на податоци за кои корисниците веќе и сега имаат реална потреба. Потсетуават дека кон крајот на 2019 година успешно ја завршија првата фаза на тестирање на 5G технологијата во лабораториски услови. Тестовите беа направени со комерцијални терминални уреди во географски ограничена реална средина и ги потврдија очекувањата и можностите на 5G технологијата во насока на остварување огромни брзини, многу ниски латенции и можност за поврзување на интернет на огромен број уреди, односно иновативни апликации на петтата генерација безжична технологија.
Новата генерација технологии, 5G, е веќе воведена во компаниите членки на А1 Телеком Групацијата, односно во Австрија, Хрватска и во Бугарија.