А што кога нашата генерација ќе порасне?

twitch[1]

„И уште живееме со цимери или кај родителите, живееме од денес за утре и сме жртви на културата на анксиозноста. Се мачиме со самодовербата, а друштвениот живот ни е на интернет. Знаеме какви треба да бидеме, затоа што на тоа нé научија нашите родители, кои на наши години се венчавале и имале деца, а пар години подоцна имале куќа и семеен автомобил“, пишува Хана Ијенс од Vice.

„А ние? Ние сме потполно возрасни луѓе кои живеат заробени во детство. А што ќе биде за 20 години, кога ќе бидеме средовечни? Што ќе се случи кога миленијалците ќе пораснат?

Веднаш ми се јавува слика: четириесетгодишен самец кој има ментални проблеми, живее во шупа од стан која кошта 2000 долари месечно, френетично врти Тиндер и со своите очајнички осамени врсници твита за најновите финти на скејтерите“.

Дека иднината не е светла и дека никој не знае што ќе се случува потврдува и тоа што од десетмината академици, научници и економисти кои Ијенс ги побарала за мислење, повеќето немале или не сакале да ја изнесат својата хипотеза.

Сега сме шворц, а најверојатно така ќе биде и подоцна, живеејќи од денес за утре. Рајан Борн – челник за јавна политика на американскиот Институт за економски науки, вели дека нашата генерација ќе влезе во четириесеттите години од животот со многу помалку акумулуран имот, и ќе биде посиромашна отколку што би требало. „Причината за немањето богатство и имот е тоа што миленијалците нема да бидат сопственици на станови, и тоа што секогаш ќе плаќаат толку големи кирии што нема да им останува за да си обезбедат пензии, заштеда или за некакви инвестиции. Тоа е голем проблем“. Експертот на темата Џејсон Дорси се сложува: „Очекувам дека луѓето во своите триесетти и четириесетти години уште во голема мера ќе се ослонуваат на своите родители – триесетгодишни кои уште живеат со родителите, и четириесетгодишни чии родители уште им ги плаќаат сметките за мобилен. И постарите генерации се под притисок. Ако заработките не се зголемат драстично, ќе бидеме во неволја“.

Во суштина, младите и досега се под голем притисок, но веројатно еден ден ќе се смееме на овие маки, бидејќи во иднина ќе бидат многу поголеми. Борн смета дека во таканаречените средни години ќе стигнедеме до одредена точка кога ќе ја сфатиме тежината на нашата ситуација. „Постои ризик дека многу припадници на нашата генерација ќе влезат во 40-та и ќе бидат во паника заради тоа што навистина не акумулирале доволно добра за од нив да живеат по 30 години, кога ќе одат во пензија. Со тоа, ќе има многу загрижени луѓе, кои можеби баш и нема да дочекаат среќна пензија“.

Ќе ги достигнеме ли некогаш стандардите на живот и акумулираните добра на нашите родители? Според економистите со кои разговарала Ијенс – не.

„Проблемот е во тоа што и понатаму ќе ги сакаме речиси истите нешта што ги сакале и претходните генерации, но нам ќе ни бидат недостапни“, објаснува Дорси. „Ќе биде интересно да се види дали миленијалците ќе успеат да пораснат кога ќе влегуваат во своите средни и доцни 30-ти“. А најголемиот страв меѓу младите е дека нема да најдат љубов, што сугерира дека идејата за брак не им е така омразена, додека најголемиот бес е предизвикан од неможноста за поседување на свое живеалиште. Дорси и другите велат дека веројатно ќе продолжиме да бидеме фрустрирани и несреќни, чекајќи ги оние традиционални обелејжа на зрелото доба, воспоставени од нашите родители.

Во вакво време, бидејќи не можеме да си приуштиме деца, ќе сакаме да ги имаме во доцните 30-ти и раните 40-ти од животот. А да се добијат деца во доцните 30-ти е потешко и поризично, па и притисокот ќе биде поголем. „Тоа е најнесреќниот можен сплет на околности. Атмосферата ќе биде следната: Ако сакаш тоа да го направиш, ќе мораш да го направиш веднаш. А од очигледни причини тоа ќе биде потешко и ќе претставува поголем предизвик. Можеби на крајот луѓето генерално ќе имаат помалку деца, бидејќи ако почнат подоцна, можеби веќе нема да можат да ги имаат“.

Психичкиот товар ќе падне најмногу на жените, од кои некои ќе откријат дека не можат да имаат деца – но целото општество ќе страда. Д-р Ејми Кајлер – професорка по општествени структури на Универзитетот во Алберта, објаснува: „Ако жените престанат да раѓаат деца, прво ќе забележиме колапс на економските активности потребни на малите деца и родителите, продавниците за бебиња, дадилките, градинките. Потоа следи пропаст на основните училишта и детскиот спорт. Паралелно ќе станеме потполно зависни од имигранти, за воопшто да опстанеме како земја“. А напорите да се привлечат емигранти – и тоа млади, се и сега видливи.

Никој никогаш нема да биде во позиција да предвиди како за 20 години ќе изгледа нашето ментално здравје и нашата благосостојба, но многу веројатно е дека ќе останеме генерација која ќе ја карактеризира анксиозност и ментални проблеми – особено ако ја имаме во предвид нашата отвореност по овие прашања, за разлика од претходните генерации. Важно е да се загрижиме и за сегашната состојба, бидејќи како што вели клиничкиот психолог Лиза Орбан, „нелечените симптоми резултираат не само со нечие непотребно патење, туку ја попречуваат и изградбата на богат и смислен живот во иднина“. По прашањето за анксиозноста на миленијалците, Орбан истакнува дека мозокот во раната зрела возраст сé уште е попустлив и може да има влијание врз нечие ментално здравје. Според неа, најмалку што можеме да направиме е да ги научиме миленијалците на техники на одбрана од стресот, што може позитивно да се одрази на животот во иднина. Но јасно е, политичарите ќе речат дека активно работат на проблемот и можеби ќе фрлат некое милионче, и на крајот ништо нема да решат.

Од друга страна, експертите за ментално здравје се загрижени од фактот што не знаеме какви се долгорочните последици на живеењето во „заглавена адолесценција“. Луси Лиус од добротворната организација за ментално здравје MIND, истакнува дека сé што моментално им се случува на младите луѓе допринесува во недостатокот од благосостојба и може да доведе до анксиозност. „Нормално дека нé загрижува што ќе се случува со оваа генерација кога ќе порасне“.

Ако ништо друго, барем еден ден ќе здивнеме и ќе можеме да уживаме во пензионерските денови, нели? Не баш. Оваа генерација ќе работи подолго од било која генерација претходно: од една страна ќе мора да ги издржува децата кои ќе ги добие подоцна во животот, а од друга страна владите се решени да нé натераат да работиме безмалку до смрт. „Старосната граница за пензија за нас драстично ќе се подигне, заради стареењето на населението“, објаснува Борн. „Владите воведуваат некои механизми, па дури и поголеми пензии, што воопшто нема смисла кога населението станува сé постаро. Од нешто ќе мораме да се одречеме, а најочигледното нешто е дека старосната граница за одење во пензија значително ќе се подигне“.

Во САД, на пример, веќе е договорено дека во октомври 2020-та, старосната граница за пензионирање ќе биде подигната на 66 години, а според моменталниот предлог на владата, меѓу 2026 и 2028 би требало да биде подигната на 67, а меѓу 2044-та и 2046-та – на 68 години. Не се знае колку може да се крева границата, а не се знае ни колку порано ќе дојдеме во таа фаза, бидејќи од сето досегашно искуство е јасно дека владите се страшно лоши во ваквите проценки и дека проблемите обично нé стасуваат многу порано.

Единствената светла точка во целата работа е што денешните млади генерации не живеат во сопствени меури и не можат да бидат игнорирани, како ни нивните проблеми. Порано или подоцна, трајните последици ќе станат реален товар, и ќе мораат да станат приоритет на општеството. „Помислата на тоа што ќе се случи ако не ги решиме сите овие проблеми е премногу грозна“, вели Рејчел Лоренс од Фондацијата за нова економија. „Мислам дека ако не решиме најголем дел од нив, ќе имаме економски колапс и масовна депресија. Но, се надевам дека проблемот ќе влезе во фокусот, затоа што огромен број луѓе влегуваат во втората и третата фаза од зрелиот живот“.

Како што истакнува Лоренс, целата економија ја придвижува долг. Ако цела една генерација не е во можност да обезбеди право на недвижен имот за себе и своите деца, а примањата остануваат тврдоглаво и неправедно мали додека економијата расте, тогаш имаме ситуација на „темпирана бомба“.

Кога ќе излеземе од адолесценција? Дали решавањето на овие проблеми ќе значи дека конечно сме пораснале, до моментот кога сме го поминале она најлошото (ако воопшто стигнеме до таа фаза)? Дорси предвидува дека ќе се чувствуваме како возрасни некаде на 40 години – а многумина се сложуваат со неа. Сигурно се знае само едно – тоа што значењето и дефиницијата на терминот „зрело доба“ потполно ќе се промени со нашата генерација.

Да наполниш 18 наскоро можеби веќе нема ништо да значи; ќе биде само изговор за журка и можност раат да консумираш алкохол без никој да ти прави проблем дека си малолетен. Ќе се сменат еден куп традиционални обележја на зрелото доба: „Да се биде возрасен“ веројатно веќе нема да значи да имаш куќа или дете. Баш како што нашите родители ги поставија параметрите за нашата претстава на „зрелото доба“, така ние ќе одлучуваме што ќе значи да пораснеш за генерацијата Z и тие по неа.

- Реклама -