Тепачките важат за вообичаено нешто во адолесцентските денови. Особено кај машките. Општо земено, иако родителите најчесто инсистираат да ги научат децата да избегнуваат физички пресметки, обично се се завршува со „Се степале, голема работа“ или „Така растат децата“ и извинување од страна на оној што згрешил. Најлошите последици обично се по некое модро око или потечена усна, макар многумина не би се сложиле дека ова важи кај нас.
Сеедно, неодамна во Журналот за адолесцентско здравје беше објавена студија со застрашувачки наслов (впрочем, како и сите други наслови во медицинските журнали) – „Повредите при тепачки доведуваат до значајно опаѓање на интелигенцијата“.
Научниците од Државниот универзитет во Флорида се меѓу првите што ги испитувале долгорочните ефекти од тепачките врз мозочното здравје и интелигенцијата. Статистиката вели дека 1 од 20 адолесценти учествувале во тепачки, па оттаму, како целна група на студијата се токму тинејџерите. Податоците се собирани во текот на 6 години, од школска возраст, па се до полнолетство, а покажуваат дека тепачките се присутни многу повеќе кај машките, што и не е за изненадување.
Oна што изненадува е дека кај оние што влетале барем во две тепачки, бил регистриран драматичен губиток на интелигенција, измерен во IQ поени. Губењето на IQ единици е уште подраматично кај женските учесници во тепачки. Секоја повреда здобиена во тепачка ги чини момците по 1.62 IQ поени, додека женските „плаќаат“ по 3.02, што се должи на „физиолошките разлики помеѓу половите, кои им даваат на машките зголемена издржливост во однос на физичките трауми“. Загубите на IQ поени се уште поголеми кога конкретно ќе се погледнат само повредите здобиени во пределот на главата.
Бројките можеби и не изгледаат многу страшно, имено, сите веројатно губиме по нешто повеќе гледајќи одредени телевизиски шоуа, или пак, некои од најновите блокбастери, но, за да биде посликовито: Губење на 2 IQ поена во адолесценцијата е еквивалент на цела пропуштена година во училиште, и од аспект на емоционална зрелост и од аспект на разумно расудување.
Дури и истражувачите се шокирани од резултатите. „Не не изненадува фактот што физичките повреди резултираат со последици, но степенот до кој повредите влијаат на интелигенцијата е повеќе отколку што очекувавме.“ – се вели во студијата.
Наш совет: запомнете ги овие наоди и употребете ги како средство за да го премислите противникот/насилникот следниот пат кога ќе влетате во неволја. Ако не успее, а веројатно нема, употребете го најпроверениот метод, бегајте! Можеби некои ќе ви се потсмеваат, но вашиот мозок ќе ви биде благодарен.