Толку слатки, што ќе ги изедам!

Според презентираниот труд на годинешнава средба за Социјална психологија во Њу Орлеанс, желбата да стискаме нешто до смрт само затоа што е премногу слатко е сосема нормална реакција. Преку истражувањето, научниците дошле до заклучок дека кога нешто е неодоливо слатко, всушност може да не направи агресивни. Контра-интуитивно, но вистинито. Неодоливите нешта може да не направат по малку луди!

Во првиот дел на студијата, од 109 доброволци било побарано да погледнат фотографии од животни во различни ситуации; некои биле слатки, некои смешни, а некои „неутрални“. Подоцна биле прашани да ги оценат чувтвата што им се јавиле за време на опсервацијата и дали се согласуваат со изјави од типот на „Толку е слатко што ми доаѓа да го згмечам!“ или „Толку е неодоливо што ми доаѓа да умрам!“. Она што истражувачите заклучиле е дека што послатко е животното, поагресивен бил одговорот.

cute_sleeping_kitten

Челникот на студијата, Ребека Дајер, ова го нарекува „слатка агресија“.

Во вториот дел на експериментот, научниците биле љубопитни да дознаат дали овие реакции биле чисто вербални, или луѓето навистина сакаат да делуваат според импулсите. За оваа цел, на испитаниците им поделиле заштитна фолија со воздушни меурчиња (bubblewrap). Оние што гледале слики од слатки животни пукнале околу 120 меурчиња, оние што гледале смешни животни пукнале 80, а „неутралните“ околу 100.

bubble-wrap

Постојат неколку објаснувања што истражувачите ги дале за ваквото однесување:

Една од причините може да е инстинктот на грижа. Кога гледаме нешто толку слатко што не потсетува на бебе, добиваме импулс да се грижиме за него и да го галиме. Поради тоа што испитаниците не биле во можност да го направат тоа, фрустрацијата расте и на крајот преоѓа во агресивност.

Друга можна причина е дека добиваме преголема количина на позитивна емоција. Не е изненадувачки луѓето да реагираат на прекумерно добрите доживувања на негативен начин, како на пример, кога плачеме од среќа. Дајер смета дека тоа што внесуваме негативна емоција во позитивната ни помага да ја регулираме високата енергија што ја чувствуваме во таквите моменти.

Следниот пат кога ќе ви се случи ова, бидете мирни и знајте дека е нормален импулс. За секој случај, носете заштитна фолија со меурчиња каде и да одите.

- Реклама -