Новооткриена планета која настанала од мртва ѕвезда е вистински груб дијамант. Според една нова студија, екстремно високиот притисок на планетата, која орбитира околу брзо пулсирачка неутронска ѕвезда, најверојатно предизвикал кристализација на јаглеродот во дијамант.
Составот на планетата, која е околу пет пати поголема од Земјата, не е нејзината единствена уникатна карактеристика. Ѕвездата околу која ротира планетата е специјален тип на ѕвезда позната како милисекунден пулсар, брзо ротирачка неутронска ѕвезда формирана од супернова. Целиот систем, кој е втор од овој тип досега откриен, се наоѓа на околу 4000 светлосни години од Земјата во соѕвездието Серпенс (Змија).
Седумдесет проценти од милисекундните пулсари досега откриени имаат придружник, кој дава дополнителна енергија за да се засили брзата ротација на пулсарот. Најчесто овој придружник е ѕвезда која умира наречена бело џуџе, досега се откриени повеќе од 180 милисекундни пулсари кои имаат бело џуџе придружник. Единствената планета, до сега, откриена во ваков систем била забележана во 1992 година. „Пулсарот беше откриен во декември 2009 година“ изјавил Метју Беилс од Свинбурн Универзитетот за Технологија од Мелбурн, Австралија. „Од тогаш ние бевме во потрага по придружникот.“
Познат како PSR J1719-1438, овој пулсар извршува над 10.000 ротации во минута. Мал и компактен, со дијаметар од само 20 километри, но има маса 1,4 пати поголема од онаа на нашето Сонце. PSR J1719-1438 се трансформирал од просечна ѕвезда во радио пулсар при експлозијата на ѕвезда во бинарен систем. Компактното јадро на ѕвездата се формирало со многу висока брзина на ротирање од остатоците на суперновата.
Кога втората ѕвезда во системот го достигнала својот крај, таа се проширила во црвен џин и конечно прераснала во бело џуџе. Пулсарот започнал да ја извлекува масата од својот придружник, со што започнал да ротира сè побрзо. Она што се случува потоа зависи од системот. Повеќето бели џуџиња продолжуваат да орбитираат околу новиот милисекунден пулсар, но некои целосно ја губат својата маса.
„Судбината зависи од масата на белото џуџе и одалеченоста од пулсарот,“ додава Беилс. Ако е блиску и има голема маса, двете ѕвезди делат заедничка орбита. Астрономите претпоставуваат дека ова се случува со околу 30 проценти од милисекундните пулсари откриени без придружник. Во случајот на дијамантската планета, астрономите мислат дека јадрото од белото џуџе не се споило комплетно со својот придружник. „Кога дошле блиску една до друга, ѕвездата загубила голем дел од нејзината материја и се одалечила до безбедна далечина од околу еден сончев радиус,“ вели Беилс.
Сега мало јадро, ѕвездата загубила над 99,9 проценти од оригиналната маса. Неспособно да создава фузија потребна за живот на ѕвезда, мртвото јадро добива класификација како планета. Иронично, но ѕвездата која станала планета е поголема од нејзиното сонце. Со дијаметар од околу 60.000 километри таа е околу пет пати поголема од Земјата, но 3000 пати поголема од милисекундниот пулсар околу кој орбитира. Самата планета орбитира околу пулсарот за малку повеќе од два часа. Целиот систем може да биде сместен во дијаметарот на нашето Сонце. [Surprise! Alien planet made of diamond discovered]