Според најново истражување, луѓето кои не можат да се снајдат со математика најверојатно се родени со таа мана. Студијата покажала дека способноста за работа со бројки најверојатно е предодредена – или можете или не. Но ако имате тешкотии со собирање во продавница, не се разочарувајте: истражувачите исто така велат дека талентот за бројки најверојатно не е поврзан со интелегенцијата.
Психолозите дошле до револуционерното откритие по работа со деца кои биле премногу млади за веќе да посетувале часови по математика. Претходни студии веќе наведувале дека „чувство за броеви“ – способноста за грубо проценување на броевите на она што го гледаме – е основно кај сите животни. Ова чувство го користиме секој ден, за проценување на број на луѓе во група или слични проценки. Но новото истражување покажува дека врската помеѓу „чувството за броеви“ и способноста за разбирање математика се веќе присутни и кај деца кои не започнале со математичкото образование.
Доктор Мелиса Либертус, предводникот на истражувањето извршено во Џон Хопкинс Универзитетот во Балтимор, Мериленд, продолжила: „Врската помеѓу ,чувството за броеви’ и математичкиот талент е важна и привлечна. За математичкиот талент претходно се мислеше дека е екстремно зависен од културата и јазикот и дека за негово усовршување се потребни многу години. Врската помеѓу нив е изненадувачка и подига многу важни прашања.“ За време на студијата, 200 четиригодишници биле подложени на неколку тестови. За тестирање на чувството за броеви од децата било побарано да гледаат во сини и жолти точки кои светкале.
Од нив било побарано да проценат која боја била најзастапена. Следниот чекор било тестирањето на нивниот математички талент. Од децата било побарано усно да пребројат предмети, да одредат кој од два броеви е поголем и да читаат бројки. Тие исто така биле тестирани за способноста за разбирање на собирање и множење, пресметување и концепти на броеви како на пример колку десетки има во 100. По овие тестови биле тестирани и родителите и старателите на децата, кои исто така биле прашани и за вербалните способности на нивното дете.
Вербалниот тест бил направен бидејќи постои мислење дека јазичниот и математичкиот талент се поврзани преку општата интелегенција. Истражувачите сакале да бидат сигурни дека успехот во математиката не е само поради подобрите перформанси во други задачи, или бидејќи некои деца се поопуштени за време на тестовите. Резултатите покажале дека децата кои имале најдобар резултат во тестот со точки исто така биле најуспешни и во математичките тестови. Според истражувачкиот тим, ова значи дека математичкиот талент е вроден.
„Претходни студии кои тестирале постари деца оставиле можност дека часовите по математика го одредиле чувството за броеви. Со други зборови, некои деца покажале подобро чувство за бројки само зашто имале подобри учители по математика. За разлика од тие студии, оваа покажува дека врската помеѓу ,чувството за бројки’ и математичкиот талент е веќе присутна и пред формалните часови по математика.“ Истражувачите предложуваат дека за децата родени со подобро чувство за броеви учењето на броење е многу полесно.
Но доктор Либертус предупредува дека не смее да се извлекуваат заклучоци за математичкиот талент со што децата би биле трајно осудени на понизок статус на образование. „Остануваат многу прашања и има уште многу што треба да дознаеме на оваа тема. Но она што го направивме отвара многу важни патеки за понатамошни истражувања и апликации во образованието. Едно од најважните прашања е дали можеме да го учиме чувството за броеви со цел да се подобри идниот математички талент.“ [Can’t add up? We are either born with a mathematical brain or not]