Според нова студија на палеонтолози од САД карактеристичниот голем мозок на цицачите се развил за подобрување на сетилото за мирис. Оваа најнова студија е првата која користи компјутерска томографија слична на медицинските скенери, за реконструирање на мозоците на два од најраните познати примероци на цицачи, двата од фосили најдени во Кина.
Тродимензионалните скенови откриле дека дури и овие мали животни, стари 190 милиони години, развиле поголеми мозоци отколку што било очекувано за тој период, особено во областа одговорна за сетилото за мирис. Меѓу сегашните животни, цицачите ги имаат најголемите мозоци во однос на големината на телото. Научниците имаат неколку можни објаснувања, но бидејќи фосилните черепи од раните цицачи се екстремно ретки, тие не сакале да ги отворат за подетално проучување бидејќи на тој начин би ги уништиле.
Научниците се потпирале на компаративно проучување на живи цицачи. „Ја проучувавме надворешноста на овие фосили со години“ рекол Тим Роу, професор од Jackson School of Geosciences и директор на Vertebrate Paleontology Laboratory од Универзитетот од Тексас во Остин, предводник на новата студија. „Но до овој момент, проучувањето на мозоците значеше уништување на фосилите.“
Според студијата, други фактори кои придонеле кон поголеми мозоци кај раните цицачи биле и зголемената сетилна осетливост и подобрената моторна координација. Фосилите на некои од најраните цицачи, како Hadrocodium, имале целосно крзно што ја објаснува потребата за зголемена сетилна осетливост. [Mammals first evolved bigger brains for better sense of smell]