Експерти велат дека подемот и падот на Римската Империја се поврзани со климатски промени и се забележани во годовите на дрвјата. Тие анализирале 9000 примероци од дрва и забележале трендови во растот на дрвјата во минатите 2500 години.
Годовите се подебели кога има изобилство на вода и хранливи материи, а потенки при лошите временски услови. Научниците тврдат дека сега можат да одредат какви биле временските услови во различни периоди во историјата. На пример, постои теорија дека Римската Империја просперирала во период исполнет со топли и влажни лета. Научниците веруваат дека зголемените промени во климата придонеле за падот на империјата.
Претставник на тимот кој ја извршил студијата изјавил: „Промените во климата влијаеле врз продуктивноста на земјоделците, здравствените ризици и нивото на конфликти во прединдустриските општества. Сепак, сè уште е тешко да се направи разлика помеѓу влијанието од луѓето и климата врз цивилизациите поради недостигот на палеоклиматски докази.“
„Неодамнешното затоплување на Земјата е без преседан, но модерните хидроклиматски варијации можеби биле надминати и во нивната магнитуда и во времетраењето. Топли и влажни лета биле забележани во периоди на просперитет во времето на Римската Империја и Средниот Век. Зголемените климатски промени, од околу 250 до 600 година од новата ера се совпаѓаат со падот на Западната Римска Империја и периодот на миграција.“