Потрага по тајната на првите летачи

првите летачиПреку реконструкција на мозоци на изумрени птици, научниците се надеваат да откријат кога кај птиците се појавила способноста за летање. Повеќето докази посочуваат кон тоа дека птиците еволуирале од диносауруси пред околу 150 милиони години.

Но, еден од деловите кои недостасуваат од еволутивната сложувалка е како овие птици започнале да летаат. Научниците од Шкотска се фокусираат на промени во големината на задниот дел од мозокот. Овој дел од мозокот, познат како флокулус, е одговорен за интегрирање на визуелни сигнали и сигнали за рамнотежа за време на лет, што им овозможува на птиците да ја проценат положбата на други предмети додека летаат.

„Веруваме дека можеме да откриеме како флокулусот еволуирал за да се справи со различните летечки способности, што ќе ни даде нови информации за тоа кога птиците започнале да летаат“ вели предводникот на овој проект Стиг Волш, постар куратор за палеобиологија на ’рбетници од Националните Музеи на Шкотска. Во соработка со Универзитетот Аберти Данди, истражувачите скенираат фосили на десетина изумрени видови и черепи на околу 100 модерни птици до најситниот детаљ.

„За разлика од медицинските скенери, кои прават серија слики меѓу кои може да има празнина и до 1,5 милиметри, 3-D скенерот од Универзитетот Аберти има прецизност до 6 микрони“ додава Волш (човечко влакно има ширина од 100 микрони) За модерните птици Волш изјавил: „посебно сме заинтересирани за сродни птици кај кои има примероци кои летаат и кои не можат да летаат, како корморани, гулаби, папагали и патки“. Тоа може да открие дали флокулусот се смалува со губењето на способноста за летање. [Fossilized bird brains may yield secret of first flights]

- Реклама -