Која е причината за леворакост?

left-hand_writingЕкспертите тврдат дека во последните 100 години бројот на левораките луѓе се зголемил за четири пати, а се смета дека околу 12% од вкупната популација на Земјината топка пишува со лева рака. Луѓето кои пишуваат и повеќето работи ги извршуваат со левата рака, имаат и свој ден, 13 август.

left-hand_writingЕкспертите тврдат дека во последните 100 години бројот на левораките луѓе се зголемил за четири пати, а се смета дека околу 12% од вкупната популација на Земјината топка пишува со лева рака. Луѓето кои пишуваат и повеќето работи ги извршуваат со левата рака, имаат и свој ден, 13 август.

За среќа, денес никој не се обидува да ги принуди левораките да пишуваат со десна рака, како што тоа беше некогаш во мое време. Неспорно е дека е тешко да се живее во светот на деснораките, а уште потешко е ако не се наидува на разбирање од околината. Некогаш левораките биле дури и анатемисани како невешти, како луѓе на кои нешто им фали. Научниците ги истражувале и ги истражуваат причините за оваа појава, испитувајќи ги психолошките карактеристики, функциите на мозокот, мозокот и моториката, а, од друга страна, пак, дури и индустријата и трговијата се вклучуваат да им го олеснат животот на левораките произведувајќи предмети исклучиво наменети за нив. Во многу списанија се наведуваат славни и познати личности кои биле левораки, а обично тој список почнува со Леонардо да Винчи, Микеланџело, Бетовен, Бах, Чарли Чаплин, Пол Макартни или војсководците Цезар, Александар Македонски, Наполеон, научниците Ајнштајн, Максвел и многу други.

Прашувајќи се како се појавила толкава разлика во корист на деснораките, научниците се обидуваат да најдат одговор споредувајќи ги истражувањата кои се вршени кај животинскиот свет, каде што постојат “левораки” животни. Интересни се истражувањата на животните, особено на папагалите, од кои околу 60% кога јадат ја користат десната нога да ја придржат храната, а 40% левата. Слично нешто било откриено и при следење на однесувањето кај глувците и кокошките.

Исто така, вршени се статистички истражувања на бројот на левораки во разни делови на Земјата, во разни поднебја и животни услови, да се види дали овие фактори имаат некакво влијание. Експертите утврдиле дека левораки мажи има околу 8%, а жени околу 6%, од англосаксонското подрачје. Левораки Јапонци има нешто повеќе од 4% и малку повеќе од 2% Јапонки, а само 1,5% Кинези пишуваат и јадат со лева рака. Научниците се убедени дека леворакоста-десноракоста не е работа само на моториката на дланката и функционирањето на мозокот, туку зависи и од традицијата, верувањата и воспитните постапки.

brain-cool-imageПовеќе експерти и научници се сложуваат дека причината можеби е скриена во мозокот. Познато е дека мозокот на човекот има две половини кои не се идентични. Ако е развиена левата половина на мозокот, со испитувања е докажано дека лицето е деснорак, а ако е развиена десната страна на мозокот, тогаш е леворак. Половините на мозокот се одговорни не само за спротивните страни на телото, туку и за карактерот на активности. Левата половина на мозокот ги обработува информациите, систематски и етапно, а благодарејќи на таа половина на мозокот ја разбираме смислата на зборовите, апстрактните поими, способни сме да ја класифицираме околината која не опкружува, да ги планираме своите активности вклучувајќи логички заклучоци и факти. Затоа, често ни се чини дека деснораките заклучуваат повеќе логично и рационално, организирани се, прво завршуваат една обврска, па преминуваат на друга, прво планираат, па потоа одат во акција, тешко им е да ги променат одлуките, имаат стабилен карактер итн. Десната половина на мозокот ги обработува информациите интуитивно, моментално, со многу емоции и креативно, па се смета дека левораките се емотивци, уметници, писатели, музичари… Левораките се темпераментни, нетрпеливи и често работат без да имаат потреба за промена на активностите и тешко издржуваат принуда. Левораките луѓе се во состојба да размислуваат побргу, кога, на пример, играат компјутерски игри, или се занимаваат со некој спорт. Воспоставувањето на врската меѓу левата и десната мозочна хемисфера е побрза кај левораките, утврдиле австриските научници. Лицата кои во секоја работа исклучиво ја користеле само левата рака, за 43 милисекунди биле побрзи во препознавањето на буквите во левото и десното видно поле од деснораките. Научниците констатирале дека луѓето ги користат двете мозочни хемисфери за многу брзи и многу тешки задачи кои бараат интерпретација на бројни истовремени информации, како, на пример, компјутерските игри, возењето автомобил кога сообраќајот е многу густ, или во текот на занимавање со спорт.

Прочитајте и:  Три најздрави намирници за мозокот, според лекарите

Многу често десноракиот човек нема проблеми кога треба да определи која му е десна страна, додека за леворакиот тоа не е едноставно. Потешкотиите во просторната ориентација во животот и на хартија се честа одлика на левораките.

Отсекогаш се поставувало прашањето која е, всушност, причината за леворакост, но научниците, за жал, и денес немаат единствен одговор. Едни сметаат дека леворакоста-десноракоста се определува уште во пренаталниот период, бидејќи се знае дека во семејствата кои имаат барем еден леворак родител, 10 – 12 пати почесто се раѓаат левораки деца. Децата многу рано ја покажуваат својата определеност дали се левораки или не, иако има и случаи кога таа особина или склоност се открива и се согледува кај некои деца и подоцна, но многу ретко после четвртата, односно петтата година. Водечката рака природно се определува до четвртата, т.е. до петтата година и при тоа е потребно внимателно следење на леворакото дете, согледување на промени во неговото расположение, препознавање на причините за радост или тага кај детето, сè со цел да се разберат неговите проблеми ололу леворакоста и да му се помогне да ги надмине. Иако, повеќето активности луѓето ги извршуваат со користење на двете раце, едната рака попрецизно и подобро извршува одредени активности. Ако детето во девет од десет ситуации ја користи левата рака, може да се рече дека детето е леворако. Но, има деца и возрасни кои рамномерно ги користат двете раце. Експертите ги советуваат возрасните дека не треба да покажуваат посебен однос кон леворакоста, бидејќи тоа може сериозно да го загрози здравјето на детето, уште помалку треба да се присилува детето да пишува со десната рака. И уште еден интересен податок: веројатноста да се појави пишување како во огледало е над 80% кај левораките деца на возраст од 5 до 7 години, при што познато е дека Леонардо да Винчи пишувал како во огледало и од десно кон лево!

Предизвик за текстов ми беше што и јас спаѓам во левораките, но припаѓам на генерациите кога учителите инсистираа да се пишува исклучиво со десна рака. За среќа, денес веќе не е така, но, за жал, со персоналните компјутери сè помалку се пишува и со левата, но и со десната рака, а леворакоста станува се помалку интересен феномен.

Оваа статија е преземена од списанието за наука и техника ЕМИТЕР

- Реклама -