Facebook губи милиони корисници секој месец и тоа на најголемите пазари, покажуваат неколку независни истражувања.
Според анализите на „SocialBaers“ минатиот месец најголемата социјална мрежа изгубила дури шест милиони корисници во Америка, што претставува пад од четири отсто. Во Велика Британија 1.4 милиони корисници се откажале од Facebook, што е пад за 4.5%.
Од компанијата не сакале да ги коментираат овие промени.
„Проблемот е тоа што во САД и Велика Британија многу луѓе кои сакаат да имаат профил на Facebook веќе го имаат. Меѓутоа факторот досада го прави своето и луѓето сакаат да пробаат нешто ново. Дали Facebook ќе оди по стапките на My Space? Ризикот е релативно мал, но не може да се каже дека не постои“, тврди специјалистот за нови медиуми Јан Мод од „Enders Analysis“.
Алтернативните социјални мрежи како Instagram, сајт за споделување на фотографии што освои 30 милиони корисници за 18 месеци пред да го преземе Facebook, е сѐ попопуларен кај младите.
„Path“, социјалната мрежа за корисниците на смартфони, што ја основа поранешен вработен во Facebook, Дејв Морин, добива дури милион корисници неделно.