Лацио е првиот финалист во Купот на Италија откако римскиот клуб успеа да слави во двомечот против Јувентус со вкупен резултат од 3-2. По првиот меч во Торино, што заврши без победник (1-1), „лацијалите“ славеа на реваншот против „старата дама“ со 2-1, ставајќи крај на надежите на најтрофејниот италијански клуб дека сезонава би можел да се закити со двојна круна.
По неинтересното прво полувреме, Лацио дојде во водство преку Гонзалез, кој што одлично реагираше по маестралното додавање на Ледезма за водство од 1-0. Јувентус тргна во целосна офанзива и во 91. минута конечно успеа да стигне до израмнување, откако Артуро Видал го најде патот до мрежата на Маркети. Сите помислија дека тој гол ќе значи и продолжение од два пати по петнаесет минути, но Флокари предизвика еуфорија меѓу навивачите на Лацио откако повторно ги доведе домаќините во водство. Јувентус има за што да жали бидејќи во самиот финиш „старата дама“ имаше извонредна шанса за израмнување на 2-2, резултат што ќе го одведеше овој тим во финалето, но Маркети го одбрани ударот на Џовинко, за веднаш потоа Маркизио да го промаши голот од идеална позиција.