На повидок е нова голема афера во светскиот фудбал, поврзана со ФИФА и со одредувањето на домаќинот за Светското првенство што треба да се одржи во Катар во 2022 година.
Престижниот „Франс фудбал“ објави материјал на дваесет страници, според кој дури и претседателот на УЕФА, Мишел Платини, како и поранешниот претседател на Франција, Николас Саркози, имале „блиска средба“ со премиерот на Катар на кој се договорени сите детали, а двајцата споменати добиле голема провизија.
На оваа средба било договорено, Катар да го добие гласот на Платини за домаќин на мундијалот, а наспроти тоа, Катарците да го преземат комплетно финансирањето на Пари Сен Жермен, да создадат еден од најмоќните фудбалски клубови во светот, а да потрошат и неверојатнио финансиски средства за ТВ правата за Ле шампионат.Така и се случи, Платини го даде својот глас за Катар, ПСЖ сега има катарски сопственици кои вложија огромни пари, а француското првенство доби на тежина. Прашањето е само колкава била провизијата за Мишел Платини и за Николас Саркози.
„Една вечер бев повикан во кабинетот на Саркози и имавме средба со премиерот на Катар, но тој во ниту еден момент не побара од мене да го дадам својот глас за оваа земја. Го дадов својот глас за Катар, затоа што сметав дека мундијалот треба да отпатува на тој крај од светот“, изјави Мишел Платини.
Катар ја доби организацијата на Светското првенство во 2022 година со 14 од можните 22 гласа.