Како од Ракометната федерација на Македонија, согласно непишаната спортска вообичаеност за осврт, анализа или извештај за минат еден ’проект’, во случајов настапот на СП, очигледно не планираат да се појават на прес-конференција пред јавноста, оние најповиканите вклучени во нашиот национален тим еден по еден преку соопштенија до медиумите го искажуваат својот став.
По оставката на селекторот Звонко Шундовски со свое согледување за неговиот чин, но и за се што се случуваше за време и по првенството во Шпанија се јави и капитенот Кирил Лазаров кој смета дека Шундовски не смеел набрзина да го напушта „бродот по невреме“… Лазаров истакнува дека долгогодишната импровизација во РФМ не носи таму каде што сме, и покрај тоа што имаме извонредна ракометна генерација и потенцијал пред нас, а нагласува дека упорно во јавноста се потенцира дека тој бил некој наводен прикриен селектор само затоа што некои сакаат одвлекувајќи го вниманието на тој начин да ги сокријат своите слабости.
ЕКИПА во целост ви го пренесува соопштението од капитенот на македонската репрезентација:
– Селекторот поднесе неотповиклива оставка и по редот на нештата, јавноста покрај официјалните изјави од раководството во федерацијата, нормално е да се бара и мислењето на капитенот на репрезентацијата. Јас можам само да констатирам дека сега во моментот во кој се наоѓаме, на репрезентацијата и е потребно стабилизирање и враќање на победничкиот дух. Имаме пред нас многу важни натпревари за кои е потребно максимална дисциплина и фокусираност ако сакаме да продолжиме по патеките по кои се движиме со уште поголем успех и со поголеми цели.
Репрезентацијата е светост! Успешните национални селекции се најдобри амабасадори на своите држави, посебно помалите држави како Македонија на која им треба промоција во Европа и светот, борејќи се за своите права, имиња, парче земја. Зошто тогаш импровизираме и тоа со години наназад. Селекторот поднесе оставка. Искрено не ми се допадна тоа од негова страна, иако имаше милион причини за тоа. Никогаш не би го напуштил „бродот„ во како би рекол, пловидба по големо невреме. Би останал до крај и ако би „гинел„ би „гинел машки„ и без калкулирање. И ќе кажев се што ми лежи на срце со име и презиме. Ако одлуката е донесена пред Светското првенство тоа е многу некоректно. Но ако е донесена по шампионатот, до некаде е разбирливо. Иако најуспешен, имаше третман како да води „банда на свињи“ а не најдоброто од Македонија со чиста македонска крв. Од осамостојувањето тој има најдобри резултати во нашата репрезентација, сакаме ние да признаеме или не.
Тој ни донесе две големи натпреварувања во континуитет (5. место во Европа, за прв пат олимписки квалификции) со чиста македонски играчи и МКД производ за разлика од нашата ватерполо, женска ракометна, па и кошаркарска репрезентација. Зошто порано не го анализиравме периодот од 2000 до 2008 година, а сега го анализираме.
Тогаш Светско првенство не можевме да гледаме на ТВ, а камо ли да бидеме учесници и не бевме ни блиску, а имавме скапо платени тренери. Зошто? И зошто анализираме само период од 2009 до 2013 година со три големи натпреварувања и олимписки квалификации. Замерката за напуштање на бродот (бродот е тој кој му овозможи да стане тренер на реномиран европски тим со „силен„ буџет) селекторот ја оправдува до некаде со оставеното зад себе. Добар материјал за добра ракометна иднина. Манасков, Георгиевски, Н. Марковски, Даскаловски, В. Марковски, Ф. Лазаров. С. Стоилов, Левов, Ојлески кои веќе во нозете имаат едно или две натпреварувања повеќе. Храбра одлука и многу дрскост – Секоја чест.
И уште една позитивна замерка. Не се избори како селектор под своја палка да бидат младинските селекции (кои патем не постојат) и тие уште од мали нозе би играле систем кој веќе го играат сениорите. Така функционираат сите успешни селекции: Словенија, Шпанија, Данска, Хрватска. За иднината воопшто не се размислуваше во претходните четири години, а и да се размислувало, прашање е колку ќе му беше дозволен таков луксуз од нашите претпоставени т.е. генералниот секретар. Кире е само селектор, за да се прикријат другите слабости, инаку има други многу поголеми селектори, кои ќе излезат на површина.
Една работа не ми е јасна. Правиме атмосфера за медал, веруваме во тоа, во нашиот квалитет, сето тоа аргументирано со колумни, текстови, анализи и после тоа со само една колумничка на Жика Богдановиќ од „Balkan-handball„ нашите ставови се сведуваат на нешто сосема спротивно од претходното. Ние немаме, иднина, играчи, систем!? Ама, баш ништо. Ова никако не ми влегува в глава или можеби мене ми се „измешале брзините“. Иако јас се уште тврдам и верувам на успешни 3-4 години на оваа генерација освежена со млада крв. 7-8 место немаше ништо повеќе да ни значи од сегашното 14 место, во тоа сум сигурен. Само изостана еуфоријата, а ние подобро ќе се вратиме во нормала отколку ако бевме 7-8. Рејтинг имаме и треба да го задржиме до Катар 2015 година, каде што тоа посакувано 7-8 место би не одвело на олимписки квалификации и тогаш приказната за 7 или 14 место би била поинаква. Тогаш нема да ни биде сеедно. За да дојдеме до Катар полесно, ни треба квалификација за Европското првенство во Данска. Таму треба да го поминеме првиот круг и да добиеме полесен противник за баражот, како што тоа беше случај во Србија за мундијалот во Шпанија. Да му докажеме на Жика дека не бил во право.
Изборот на селектор и на неговиот стручен тим не смее да се биде брзоплет и без добра база и анализа да се донесе таа одлука. Но не смее ни предолго да се одолговлекува. На македонскиот ракомет му треба цврста рака, ракометен авторитет, квалитетен стручњак. Затоа личноста која ќе биде избрана за да ја води македонската репрезентација ќе мора да ги има овие атрибути со кого во заедничка спрега би стигнале далеку, подалеку од нашиот најголем успех. Правилниот избор би значел и наша фокусираност и наша дисциплина и наша реализација во желбите кои ги носиме во себе. Затоа секое одолговлекување на преговорите и недонесување на одлуките за селектор и стручен тим, може да биде штетно на подолги патеки. Но во исто време треба да биде добро анализирано, многу прецизно и транспарентно одлучено, не гледајќи ничии интереси, посебно клупски интереси за доброто на репрезентацијата. Нашата генерација нема време за чекање. Потенцијалот веќе мора максимално да се искористи, заедно со потенцијалот и стручноста на клупата што верувам ќе ја имаме набрзо. Заеднички до поквалитетен македонски ракомет. Тоа е единственото решение.
СПОРТСКИ ПОЗДРАВ И ПОЧИТУВАЊЕ,
КИРИЛ ЛАЗАРОВ,
КАПИТЕН НА МАШКАТА РАКОМЕТНА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА НА МАКЕДОНИЈА