Македонската репрезентација не успеа во својата намера да стигне до четвртфиналето и да оствари историски успех кога станува збор за настапите на Светските првенства. Нашите ракометари денеска одиграа потпросечен натпревар против расположената Германија, која што на крајот сосема заслужено славеше со 28-23. Македонската селекција делуваше надвор од својот препознатлив ритам, делумно сигурно и поради мачното патување од Севилја до Барселона, што беше максимално казнето од одличниот противник, кој што ќе ги продолжи настапите на овој шампионат, додека нашите ракометари ја завршуваат авантурата наречена Шпанија 2013.
Многу слично како и при поразот од Исланд, македонските ракометари се соочија со огромни проблеми при самиот почеток на натпреварот. Повеќе од седум минути не успеавме да го најдеме патот до мрежата на противникот, а квалитетна селекција како Германија знаеше како да го искористи тоа за да стигне до експресна предност од 4-0.
Кога Филип Миркуловски конечно го постигна првиот гол за нашата селекција, сите се понадевавме дека нашиот напад ќе влезе во ритам. Сепак, тоа не се случи, германската одбрана делуваше непробојна, а кога ќе успеевме да изградиме ситуација за шут, тогаш голема пречка ни беше расположениот Хајнветер, кој што имаше десет успешни интервенции само во првото полувреме.
Германскиот национален тим рутински ја контролираше својата предност меѓу четири и шест гола разлика. Во финишот од првиот дел намаливме на 12-9, имавме и напад што не го искористивме, по што противникот реализираше и на одмор замина со позитива од четири гола (13-9).
Надежите дека во второто полувреме ќе успееме да направиме резултатски пресврт набрзо паднаа во вода, Германците продолжија со ефикасен напад, ние на спротивната страна грешевме и им овозможивме на противниците да се вратат на „плус шест“ (17-11). Успеавме да постигнеме два гола во низа, потоа и одигравме добра одбрана, но на сцена стапи судиската двојка, која што не само досуди сомнителен пенал, туку и го исклучи Јоноски на две минути. Сепак, продолживме со ангажирана игра, што вроди со плод, па со најновите два гола на Кире Лазаров стигнавме и до минус три (18-15), пред Манасков да погоди од контра за 18-16.
Имавме и идеална шанса за да стигнеме до 18-17, повторно Манасков отиде во контра против Хајнветер, но германскиот голман на чудесен начин интервенираше. Казната стигна експресно, Германија постигна два гола во низа и поведе со 20-16. Шундовски зеде тајмаут за да ги смириме страстите, но се продолжи со промашени шутеви, што беше искористено од страна на Германците (21-16). Без оглед на обидите на нашите ракометари во последните десет минути да сторат нешто повеќе, германскиот состав умешно ја задржа предноста за конечен триумф од 28-23.
Така, Македонија ќе го заврши ова Светско Првенство со скор од две победи, едно реми и три порази, со пласман меѓу деветтото и шеснаесеттото место. „Црвено-жолтите“ настојуваа да ја избегнат Франција, но на денешниот дуел се докажа дека и подмладениот состав на Германија сепак е пресилен ривал за избраниците на Шундовски. Време за анализи и коментари ќе има, но она што е најважно во моментов – Македонија е елиминирана во осминафиналето од СП 2013.