Светските спортски ѕвезди што блескаа во 2012: Меси, Фелпс, Болт…

Сумирајќи ги впечатоците за годината која заминува во светот на спортот јасно е дека не донесе којзнае какви поместувања во однос на имињата кои всушност се најголемите ѕвезди во новиот век.

Со помалку или повеќе труд, поголемиот дел досегашни спортски владетели го сочуваат својот трон: аргентинскиот фудбалер Лионел Меси, пливачот Мајкл Фелпс, атлетичарот Усеин Болт, возачот на Формула 1, Себастијан Фетел, скијачката Линдзи Вон, тенисерите Новак Ѓоковиќ и Серена Вилијамс…

Сосема јасно, без било какви дилеми, централното случување во 2012 година беа Летните олимписки игри одржани во британската престолнина. По падот од тронот во Пекинг пред четири години, Американците овој пат повторно го вратија приматот и беа најуспешни со 104 освоени медали, пред Кинезите со 88 и домашните Британци со 65 медали.

А, поединечно најтрофеен беше легендарниот Мајкл Фелпс кој нанижа шест медали (четири златни и две сребрени), на тој начин влегувајќи во аналите на олимписките игри со рекордни 22 одликувања! Лондон, секако, имаше уште многу јунаци. Пред се неверојатниот Усеин Болт кој ги одбрани сите три титули од Пекинг – на 100 и 200 метри, како и во штафетата на Јамајка.

Како и да е, се чини дека неприкосновена спортска личност за 2012 година сепак е неверојатниот аргентински фудбалер, Лионел Меси кој претходните 12 месеци ги урна речиси сите голгетерски рекорди на модерното време.

Од фудбалот, шпанската репрезентација потврди дека е се уште колективен фудбалски владетел на планетава откако по светската титула од 2010 оваа година успеа да ја одбрани и европската круна освоена во 2008 година во Австрија и во Швајцарија. И тоа на импресивен начин, откако на седум меча примија само еден гол, а во финалето ги победија Италијаните со 4-0!

Кај дамите, освен хероината на Олимписките игри, повторно заблескаа две Американки: снежната кралица Линдзи Вон и тениската принцеза Серена Вилијамс (ги освои Вимблдон, УС опен, завршниот Мастерс и златото на ОИ).

Германецот Себастијан Фетел, пак, стигна до третата едноподруго титула во Формула 1 и сериозно се закани дека до крајот на кариерата би можел дури и да го надмине сонародникот Михаел Шумахер.

Иако освои „само“ еден гренслем турнир, Новак Ѓоковиќ и втора година по ред заврши како број еден на планетава, а се истакнаа и Британецот Бредли Вигинс кој триумфираше на Тур Д’Франс, Австриецот Марсел Хиршер, освојувачот на Кристалниот глобус во алпско скијање, МОТО ГП шампионот Шпанецот Хорхе Лоренцо, тенисерите Роџер Федерер и Енди Мареј (ги освои УС Опен и златото на ОИ…).

Од екипните спортови, Мајами, пак, предводен од Леброн Џејмс стигна до титулата во НБА лигата, екипата на Сан Франциско триумфираше во безбол шампионатот, а Њујорк Џајантс во Супербол. Чесите на тениската сцена успеаја да ги обединат круните во Дејвис и во ФЕД Купот, додека Европа доби изненадувачки клупски шампиони во фудбал и во кошарка.

Англискиот Челси покрај семоќните Барселона и Реал Мадрид дојде до титулата во фудбалската Лига на шампиони, додека во Евролигата Олимпијакос во чии редови настапува и нашиот Перо Антиќ приреди вистинска сензација на фајнл-фор, и тоа најмногу благодарение на српскиот стручњак Душан Ивковиќ.

ТОП 10 СПОРТИСТИ КОИ ЈА ОДБЕЛЕЖАА 2012
1. ЛИОНЕЛ МЕСИ (Аргентина/ фудбал)
2. МАЈКЛ ФЕЛПС (САД/ пливање)
3. УСЕИН БОЛТ (Јамајка/ атлетика)
4. ЛИНДЗИ ВОН (САД/ скијање)
5. МИСИ ФРЕНКЛИН (САД/ пливање)
6. СЕРЕНА ВИЛИЈАМС (САД/ тенис)
7. СЕБАСТИЈАН ФЕТЕЛ (Германија/ Формула 1)
8. НОВАК ЃОКОВИЌ (Србија/ тенис)
9. ЛЕБРОН ЏЕЈМС (САД/ кошарка)
10. БРЕДЛИ ВИГИНС (В. Британија/ велосипедизам)

- Реклама -