Агим Ибраими, по одлуката за обединување на главната титула при изборот на најдобрите во македонскиот фудбал, е прв кој го понесува единственото признание македонски фудбалер на годината.
Игрите изминатава година, како што самиот вели, заедно со ова признание кое му го додели Фудбалската федерација на Македонија му носат дополнителен поттик за уште поквалитетни игри во нашата репрезентација.
– За мене е огромна чест што сум избран за најдобар меѓу најдобрите. Среќен сум што прв го добивам ова признание за најдобар фудбалер на Македонија, а кое пред се е добиено поради квалитетните настапи за македонската репрезентација – вели македонскиот фудбалер број еден за изминатава година, кој дополнува дека најдоброто од себе го очекува во иднина.
Според фудбалерот на Марибор, сепак, најважно е што во моментов има огромно единство во репрезентацијата. А, кога е тоа така не може да изостанат и резултатите.
– Новиот селектор Јаневски направи огромни позитивни новини во репрезентацијата. Ни ја врати самодовербата, ја врати атмосферата и создаде игра по која мислам Македонија и понатака треба да се препознава. Играме добро во овие квалификации, и сигурно изненадувајќи уште некои од фаворитите може да се замешаме во борбата за првите позиции – коментира Ибраими.
По настапите изминатава година во дресот на Марибор и на домашната и на европската сцена само по себе се поставува и прашањето околу можен трансфер во зимскиот преоден рок.
– Има одредени најави за интерес од некои клубови, но за сето тоа се задолжени мојот менаџер и управата на Марибор. Јас сум само концентриран на тоа да бидам уште подобар на теренот. Ако тука се докажам тогаш сигурно ќе има трансфер и во поголем клуб нареднава година – вели Ибраими.