За овие сјајни остварувања од 2012 година веројатно не сте знаеле дека се снимени. Иако од годинава има само уште четири дена, овие филмови дефинитивно не треба да ги пропуштите.
А.C.A.B. – All Cops Are Bastards
Контроверзен италијански филм за корумпираноста на политичкиот и на полицискиот состав, лудилото на фудбалските навивачи, злото на фашизмот, ксенофобијата и институционализираното насилство, но и благодетите на одмаздата надвор од институциите. „All Cops Are Bastards“ на Stefanо Sollimа е урбана приказна полна со екстремни емоции, насилство и нецензурирани вистини, која во Италија ги разбесни и левите и десните.
[youtube]XSXy30lqvtw[/youtube]
Eega
Толивуд, кинематографијата на Andhra Pradesh е втората најголема индиска филмска работилница, однсно најголемиот филмски погон на светот со најпосетени киносали на планетава, освен ако не станува збор за ретки остварувања. „Eega“ е единствена епопеја за маж кој се реинкарнира во мува за да се одмазди на неговиот убиец и да го разреши љубовниот триаголник на вистински начин. Тоа е се што треба да знаете за почеток.
[youtube]vhH-HCCBn0E[/youtube]
Kotoko
Легендарниот Shinya Tsukamoto со години се бави со body-horror, но во оваа фаза на неговата кариера тој својата опсесија со телото сѐ повеќе ја поврзува со умот, психологијата и со духот. „Јапонскиот Кроненберг“ сними филм за лудилото, приказна за психички нестабилна мајка и нејзиниот шизофреничен живот, со фасцинантна актерска изведба на популарната јапонска пејачка Cocco.
[youtube]G3LzXGQ54_8[/youtube]
Nameless Gangster
Choi Min-sik (Oldboy) има главна улога во приказната за владиниот службеник кој својата политичка позиција ја искористува за преземање на власта над локалната мафија во Бусана, градејќи гангстерска мрежа низ сите институции на корејската диктатура во осумдесетите години. Nameless Gangster во својот тек спојува драма, крими и насилство, патувајќи низ историјата и е вооружен со класични шекспиријански теми за братството и за предавството.
[youtube]zPRFKk3gYBE[/youtube]
Love in a Buff
Продолжение на минатогодишната комедија „Love in a buff“, во која се зборува за раѓањето на љубовна врска низ дим од цигара и која дава портрет на современиот Хонг Конг низ односот на млад маж и постара жена. „Love in a buff“ е уште поуспешен во спојот на драма, романтика и комедија, а не носи и низ неонското блескаво секојдневие на Кина, на интелигентно и забавно патување низ кризата на почетоците на врската во минатото продолжение.
[youtube]GtARcmE5zio[/youtube]
The Bullet Vanishes
Кинески трилер кој спојува визуелно импресивни сцени со хај-тек режирана акција и класично замрсена потрага по убиецот, а приказната е сместена во тресетите години на дваесетиот век. Резултатот е паметен, забавен и иновативен блокбастер, еден од десетте најгледани кинески филмови на годината со одличен ретро-печат, односно совршен пример за источен Шерлок Холмс на 21 век.
[youtube]03NAGSuhXss[/youtube]
Excision
Anne Lynne McCord е нестабилна тинејџерка во немилосреден пример за независна тинејџерска драма, која во исто време е црна комедија и хорор. Обидувајќи се да ја задоволи својата вечно разочарана мајка, ќерката паѓа во луди училишни авантури, градејќи нереални соништа за кариера во хирургијата, со трагични последици. Оригинално, разиграно, мрачно, со гостувања на John Waters и Malcolm McDowell. Richard Bates Junior, чиј е овој нискобуџетен првенец, е име кое треба да се запамети.
[youtube]rWJHOdjuOlY[/youtube]
Deranged
Интересен трилер за фармацевтската мафија која преку завери доаѓа до голем профит на сметка на народот, но воедно и класичен, забавен хорор за смртоносни паразити со пипалки кои излегуваат од исушени тела, провлечен низ мрачна семејна драма. Коктел што само во Кореа може да се испорача до киносалите, а кој остана во Б-план токму поради недостигот на А-третман.
[youtube]AFB3mNg4fUQ[/youtube]
Motorway
„Возење“ низ Хонг Конг. Во режија на прославениот Soi Cheang и со Johnny Toom како продуцент. Брилијантен neoelectro noir саундтрак, и одличен спој на забава и стил како многу важен дел од филмот кој ги следи сите правила на класичен боречки спектакл, само овој пат наместо рака и нога, се користи воланот од автомобилот.
[youtube]eZzMZpGpwQs[/youtube]
Bait
„Шаркплоатација“ на годината! За разлика од милионите филмови за смртоносните ајкули, австралискиот режисер Kimble Rendall максимално го искористи минималниот буџет и лошите ефекти, и ни носи забавна борба меѓу луѓе и ајкули, со брилијантен концепт. По цунамито во поплавен трговски центар залутуваат големи бели ајкули, а на преживеаните купувачи, веднаш по спасувањето жива глава од водата, целта им е да најдат начин да се спасат и од она што доаѓа со водата.
[youtube]s5-5PAIWO2o[/youtube]
Grabbers
Што се случува кога вонземјани жедни и гладни за човечка крв, но алергични на алкохол, ќе слетаат во ирско рибарско градче во кое единствена забава во магливите денови е опијувањето во локалниот паб? Проверете сами во овој одличен филм, кој е класична хорор-комедија и кој ја стави Ирска на мапата на мајсторите за жанровска забава.
[youtube]uC4GlNAD5ZA[/youtube]
V/H/S
Во 2012 година found dootage стана не само најмоќен жанр кој им носи пари на сите, од новото продолжение на „Паранормално“ до суперхеројскиот блокбастер „Хроника“, туку и најголем алат за филмска експлоатација, со безброј наслови. Деведест отсто од тоа е неупотребливо, но се пронаоѓа и по некој бисер, како што е омнибусот V/H/S, уште една носталгична посвета на видеолентите, осумдесетите години и хорорите кои се кријат забележени на стари касети.
[youtube]MmLh4NUu6E4[/youtube]
Tai Chi 0
Оваа приказна за традиционалните кинески боречки вештини, спакувана како високобуџетна екстраваганца, е сместена меѓу игран цртан филм, детска акциона комедија и streampunk кунг фу спектакл за новиот милениум. Чуден, спотовски концепт во 3Д, со потписот на Stephen Fung.
[youtube]v9bHTviY6KM[/youtube]
Doomsday Book
Kim Ji-woon моментно го завршува своето американско деби, акцијата „The Last Stand“ со Арнолд Шварценегер, а пред тоа го направи овој sci-fi омнибус со колегата Yim Pil-sung. „Doomsday Book“, всушност, е известување за уништувањето на човештвото, доставено преку три приказни кои се бават со роботика, филозофија на трансхуманизмот и со бизарни вонземски инвазии организирани преку веб. И зомбија, се разбира.
[youtube]i7bi7bFfNGQ[/youtube]