Откако домашните форскверџии ги отклучија значките Swarm со 50 чекирања и Super Swarm со 250 чекирања, в сабота на 22 декември, ќе треба да се соберат најмалку 500 корисници на foursquare во Рамстор, за да се отклучи следната значка, Super Duper Swarm.
Третиот домашен foursquare собир ќе биде вечерен и ќе почне во 20 часот, а ќе трае до 23 часот. Во текот на овие три часа, 500 форскверџии треба да се чекираат во Рамстор, но и во тој период не треба да се чекираат на ниедна друга локација. Ако значката се отклучи, покрај традиционалните понуди и попусти, во супермаркетот ќе свири актуелниот локален бенд Пеперминт.
Првиот Foursquare собир на домашна почва што се одржа во февруари, 2011 година, го организираше 365.com.mk, додека, пак, вториот во декември, 2011 година, беше во организација заедно со Интернет-агенцијата NewMediaMK и ТЦ Рамстор.
Foursquare е геолокациски сервис кој ви овозможува да се пријавите на различни места со помош на GPS технологија. На тој начин чекираните корисници собираат поени, дигитални беџови, како и попусти во локалните бизниси.
На swarm.mk може да прочитате повеќе детали за претстојниот собир, попустите кои ги нудат разни компании, како и за останатите изненадувања што наскоро ќе бидат објавени.