Насловната на New York Post осудена на Твитер

Фотографијата на насловната страница на New York Post, на која се гледа човек кој е турнат на шините од метрото во Њујорк, токму неколку секунди пред да го удри возот, предизвика остри реакции на социјалните мрежи насочени кон весникот и кон фотографот.
Фотографот Умар Абаси, кој работи хонорарно за New York Post, чекал на платформата на станицата на 49. улица, кога го забележал турнатиот Ки Сук Хан на шините.

Абаси објаснил дека единствената причина поради која ја снимил оваа фотографија било тоа што се обидувал со блицот на фотоапаратот да го аламира кондуктерот на метрото.

Светската твитосфера остро ја осуди одлуката на уредниците на весникот да ја пласираат фотографијата на насловната страница, а твитот на @MarinasDiamonds: „Ми се гади од насловната на New York Post. Со трагичната смрт се однесуваат како да е постер за некој акционен филм. Ми се лоши од нив“, доби повеќе од 700 ретвитови.

New York Post, пак, на Твитер ја објавија својата фото-сторија со коментар „ова е толку тажно, трагедија во њујоршкото метро“. Весникот, засега, се нема огласено кон лавината негативни реакции. [New York Post photograph of man about to die under subway causes Twitter uproar]

- Реклама -