Муцунски на средба со новата заменик-генсек на НАТО: Уверен сум дека улогата на Шекеринска ќе придонесе за дополнително зајакнување на Алијансата

Муцунски, како што информираа од МНР, ја потврдил посветеноста на Република Северна Македонија на заедничките цели и вредности на НАТО, нагласувајќи дека земјата ќе продолжи да дава активен придонес кон мирот, стабилноста и безбедноста во регионот и пошироко

Шефот на дипломатија Тимчо Муцунски утрово се сретна со новоизбраната заменик-генерална секретарка на НАТО, Радмила Шекеринска, информираат од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.

Шефот на дипломатија Тимчо Муцунски се сретна со новоизбраната заменик-генерална секретарка на НАТО, Радмила Шекеринска

„Министерот Муцунски ѝ упати искрени честитки за изборот на оваа висока и значајна функција, која претставува признание за нејзиниот досегашен ангажман и потврда за меѓународната репутација на Република Северна Македонија како активна и посветена членка на НАТО. Во текот на разговорот, министерот изрази уверување дека нејзината улога ќе придонесе за дополнително зајакнување на Алијансата и унапредување на соработката меѓу земјите членки“,

се наведува во соопштението на МНР .

Како што додаваат оттаму, Муцунски ја потврдил посветеноста на Република Северна Македонија на заедничките цели и вредности на НАТО, нагласувајќи дека земјата ќе продолжи да дава активен придонес кон мирот, стабилноста и безбедноста во регионот и пошироко.

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, одлучи да ја назначи македонската поранешна вицепремиерка и министерка за одбрана Радмила Шекеринска за следна заменик-генерална секретарка. По назначувањето, таа порача дека ќе работи на уште побезбедна и посилна Алијанса.

- Реклама -