Поранешен фудбалер на Манчестер Сити ќе влезе во трка за нов претседател на Грузија

Овој потег значи дека Кавелашвили, антизападниот политички тврдокорник, кому му беше забрането да се кандидира за претседател на фудбалската асоцијација во 2025 година бидејќи нема високо образование, сега најверојатно ќе стане следниот претседател на Грузија

Владејачката партија во Грузија го избра поранешниот фудбалер на Манчестер Сити, Михаил Кавелашвили, за претседателски кандидат, објави на денешниот брифинг претседателот на Грузиски сон, Бидзина Иванишвили.

Михаил Кавелашвили, Фото: Фејсбук

Овој потег значи дека Кавелашвили, антизападниот политички тврдокорник, кому му беше забрането да се кандидира за претседател на фудбалската асоцијација во 2025 година бидејќи нема високо образование, сега најверојатно ќе стане следниот претседател на Грузија.

По првпат, претседателот индиректно ќе биде избран од 300-члениот изборен колеџ составен од членови на парламентот и претставници на локалната власт, во кој доминира Грузиски сон, партија пријателски настроена кон Русија.

„Сигурен сум дека Михаил Кавелашвили целосно ќе го врати привремено украденото достоинство на претседателскиот институт. Нема сомнеж дека Михаил Кавелашвили нема да биде во служба на странски сили, туку во служба на грузиската држава“,

рече Иванишвили, најбогатиот човек во Грузија, кого опозицијата и критичарите го обвинуваат за одвраќање на земјата од ЕУ и кон Русија.

Ова не е првиот фудбалер избран од Грузијците на висока политичка функција. Кахабер Каладзе е поранешен играч на Милан, кој прво беше пратеник во парламентот, потоа вицепремиер, а потоа и министер за енергетика. Тој во моментов е на крајот од вториот мандат како градоначалник на Тбилиси.

Грузија е потресена од протести по спорните парламентарни избори на 26 октомври на кои владејачката партија извојува убедлива победа. Грузиската претседателка Саломе Зурабишвили, опозициските партии и независните набљудувачи велат дека изборите биле наместени. Претседателските избори треба да се одржат на 14 декември.

- Реклама -