Најновата книга од серијата криминалистички романи на авторот Анде Јанков со наслов „Кобајаши Мару“ ќе биде промовирана во вторник, 26 ноември од 18 часот во книжарницата на „Антолог” во Скопје. Промотор на книгата е авторката Десанка Николова.
Книгата првично беше промовирана на Саемот на книга во Скопје.
Станува збор за петти роман на Јанков, а четврти од серијалот за инспекторот Виктор Николов.
– Под влијание на лепеза светски книжевници, почнувајќи од Ју Несбе, преку асимилација на интуитивниот дијалог на Венко Андоновски и од футуристичката логика на Орвел, но и пункција на луцидноста од античката фокализација, авторот го развива дејството како во темна комора, дел по дел, сѐ додека не ја индуцира целата слика при климаксот на романот – посочува рецензентката Јована Матевска Атанасова.
Серијалот за инспекторот Виктор Николов почна со романот „Виенски гамбит“, продолжи со „Сигурен ризик“ и „Само Бог простува“ и стигна до „Кобајаши Мару“. Сите романи се објавени од „Антолог“.
Авторот Анде Јанков е роден во Велес. Дипломирал на Економскиот факултет во Скопје во 2013 година, но книжевноста отсекогаш му била блиска, а се фокусира во областа на криминалистичките трилери.